Велес уште еднаш докажува дека е значаен фактор на меѓународниот стрип. Најновото издание на Меѓународниот стрип салон и традиционалната Стрип колонија, организирани од Стрип центарот на Македонија (СЦМ-Велес), започнува во знак на историски успеси – голем бран на пријавени дела на меѓународниот конкурс. Притоа, велешкиот стрип Салон јасно го истакнува чистиот стрип како култура по себе, (без никакви дополнителни општествени и креативни додатоци ) впрочем и самата стрип култура во себе состои повеќе култури, социјални пораки и уметнички светови. Овие манифестации се финансирани од страна на Министерството за култура на Република Македонија, како и Општина Велес.
Традиционалниот меѓународен конкурс „Златен стрип“ привлече огромен број на уметнички трудови, соборувајќи ги сите досегашни рекорди. Како што извести Томе Трајков од организацискиот тим, наместо ланскиот рекорден број на примени стрипови од 396 автори, годинава нивните пријави се многукратно надминети,(497) со што конкурсот го достигнува својот историски врв по масовност на пријавени уметници од целиот свет.

Во пристигнатите трудови доминираат стрипови од македонски автори од разни генерации и градови, што ја потврдува домашната уметничка сила и силниот континуитет на сцената. Сепак, конкурсот има силен глобален карактер — на него масовно учествуваат автори од балканските држави, но и од далечната Азија, Полска, па сè до Нигерија, со што Велес се зацврстува како светска престолнина на деветтата уметност.
Централниот настан и свеченото отварање на Меѓународниот стрип салон, придружено со прогласувањето на најдобрите трудови, ќе се одржи на 19 август 2026 година, со почеток во 20:00 часот, во просториите на Европската куќа (Europe House) во Велес.
