Царинската управа во јули оствари историски највисокa месечна наплата на приходи од 14,14 милијарди денари (околу 227 милиони евра), што е за 1,5 милијарди денари или 11,8 проценти повеќе од јули минатата година.
Директорот на Царинска управа, Бобан Николовски, вели дека ваквите податоци се доказ дека системот што се гради во изминатите две години ја зголемува способноста на државата да генерира повисоки приходи.
„ Најзначајниот аспект на фактот што по четврти пат во последните две години ги надминуваме рекордите во наплатата на приходи на историско ниво – почнувајќи од над 12 милијарди денари во јули минатата година и сега над 14 милијарди денари не е самата бројка туку трендот што го отсликува. Ова е доказ дека успесите не се изолирани случаи, туку резултат на ефикасноста на системот што го градевме во изминатите две години. Ваквиот систем ни овозможува да генерираме повисоки приходи и да испорачаме подобри услови за живот за граѓаните“, истакна Николовски.
Кумулативно од почетокот на годинава заклучно со јули Царинската управа оствари вкупни приходи од 80,5 милијарди денари или 1,3 милијарди евра што е за 87,6 милиони евра повеќе од истиот период минатата година.
Николовски додава дека како институција која собира милијарди денари приходи за државниот Буџет, нивна должност е да обезбедат подобри услови за водење бизнис и зголемување на конкурентноста на македонската економија.
„Нашата цел е јасна, градиме систем со кој безбедноста и полнењето на Буџетот не ја кочат економијата, туку се одвиваат паралелно преку модернизација и таргетирање на ризикот. Продолжуваме да градиме модерна, ефикасна и професионална Царинска управа која во континуитет испорачува резултати и придонесува за посилна економија“, истакна Николовски.