„Тинекс“, според информациите до кои дојде „Фактор“, во иднина ќе ги води своите маркети во партнерски договор со косовската компанија „Интерекс“. Станува збор за вториот по големина синџир на маркети во Косово, а матичната компанија која го поседува, има бензински пумпи, голем имот во недвижнини, а има и ликвидни средства со кои треба да му помогне на „Тинекс“ да ги надмине предизвиците со кои се соочуваше во изминатиот период.
Interex е еден од најголемите малопродажни синџири во Косово, кој работи преку компанијата PROEX SH.P.K. Компанијата е активна од 2011 година, а синџирот располага со повеќе од 30 маркети низ Косово. PROEX SH.P.K., компанијата зад Interex Kosovo, има продажба од околу 223,3 милиони евра, со што е меѓу најголемите компании во Косово и е втора по големина во малопродажниот сектор, зад Viva Fresh.

„Тинекс-МТ“ пред две недели основаше фирма-ќерка под името „Тинекс Маркети“ со истата дејност „Неспецијализирана продажба на мало“, а потоа во новото друштво ги пренесе своите маркети како регистрирани подружници.
На прашањето на „Фактор“ дали станува за чекор пред продажба на одреден имот на нов инвеститор или пак реорганизација на работењето, не добивме одговор ниту од лицето за односи со јавност ниту од управителот Кристина Тодоровиќ-Николиќ.
Како подружници кај „Тинекс Маркет“ се регистрирани 44 дисконти и маркети, меѓу кои и оние под брендот „Деликатес“, „Конто“ и „Супер“, како и магацинот за пакување и погоните за месо.и подготовка на готвени јадења. Префрлен е и центарот за логистика, односно за складирање стока во Петровец.
Трговскиот синџир Тинекс во април се огласи по информациите во јавноста за неговата финансиска состојба, признавајќи дека се соочува со предизвици во ликвидноста, но истовремено демантираше дека има доцнење во исплатата на платите и најави мерки за стабилизација.
Компанијата информираше дека менаџментот активно работи на изнаоѓање конкретни решенија за надминување на состојбата, при што, како што беше објавено, поддршка има од банките и клучните деловни партнери.