Во обраќањето Силјановска-Давкова потсети на историскиот развој на Армијата, од формирањето на баталјонот „Мирче Ацев“ во 1943 година до членството на земјата во НАТО, оценувајќи дека македонската Aрмија е фактор на стабилност, безбедност и доверба. Осврнувајќи се на актуелните безбедносни предизвици, претседателката нагласи дека современата одбрана мора да биде подготвена за новите форми на закани, вклучително и кибер-просторот и вештачката интелигенција.

-Цврсто верувам дека колку е посигурна нашата сопствена одбранбена поставеност, толку е посуштествен нашиот придонес кон заедничката сигурност. Токму затоа јакнењето на сопствените капацитети е и вистинскиот начин, на кој што ја зацврстуваме својата позиција во aлиjансата како сериозна и доверлива членка, на која што може да ѝ се верува и врз која може да се потпира – нагласи Сиљановска-Давкова. Таа посочи дека Армијата не само што ги исполнува НАТО-стандардите, туку ги претвора во сопствена практика, а доказ за тоа се високите оценки на Лесната пешадиска баталјонска група и учеството на 183 припадници на Армијата во меѓународни мировни мисии и операции.

Министерот за одбрана на Република Македонија Владо Мисајловски во своето обраќање истакна дека македонската Армија е столб на стабилноста и безбедноста на државата, нагласувајќи дека модернизацијата се реализира според планираната динамика. Тој посочи дека веќе се испорачани оклопните возила „ЈЛТВ“ и „Страјкер“, артилериските системи „Боран“, најголемиот дел од системите за противвоздушна одбрана „Мистрал 3“, а до крајот на годината се очекуваат и првите два нови хеликоптери.
Министерот најави и ново законско решение за професионалните војници кои наполниле 45 години, како и зголемување на платите од следната година. Според него, паралелно со опремувањето на Армијата се вложува и во подобрување на инфраструктурата во касарните, за што во наредниот период се предвидени инвестиции повеќе од 12 милиони евра. Честитајќи им го празникот на армиските припадници, министерот Мисајловски порача дека развојот на Армијата ќе продолжи со уште посилно темпо, преку нови набавки, инвестиции во инфраструктурата и зголемен број обуки и вежби.

Началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски по повод Денот на Армијата порача дека изминатата година била исклучително успешна за Армијата, која уште еднаш ја потврдила својата оперативна зрелост и подготвеност за справување со современите безбедносни предизвици. Во обраќањето на свеченоста во Охрид, Лафчиски истакна дека успешната реализација на вежбата „Блесок 26“ и оценувањето на Лесната пешадиска баталјонска група претставуваат потврда за достигнатите способности и професионалноста на армиските припадници.
-Стекнувањето на статусот „борбено подготвен“ не е само формално признание. Тоа е потврда дека зад тој резултат стојат илјадници часови обука, планирање, подготовки, вежби, одрекувања и професионална посветеност – нагласи Лафчиски.
Генералот истакна и дека Армијата е во најинтензивниот процес на модернизација од своето формирање, преку набавка на нова опрема и развој на современи способности, при што нагласи дека највредниот ресурс останува човечкиот потенцијал. На свеченоста беа доделени одликувања и признанија на армиски единици, институции и припадници на Армијата за нивниот придонес во развојот на одбранбените способности и извршувањето на задачите.