Православните верници денеска го слават празникот Успение на Пресвета Богородица. Стотици граѓани и годинава се собраа во манастирот кај Матка, каде се одржа света божествена литургија. Со неа чиноначалствуваше митрополитот австралиско-новозеландски Никола.
„Пресвета Мајко, ти која го прими Несместливиот во својата утроба, прими ги денес нашиве молитви. Ти која го носеше Христа во своите раце, научи нè како да го носиме во нашите срца. Ти која стоеше под крстот, не оставај ги оние што денес стојат под својот крст. Биди со мајките кога плачат, со детето кога се плаши, со старецот кога е сам. Биди со болниот кога чека исцеление. Биди со оној што заминува далеку, биди со оној што останува сам дома. Биди со нашиот град, биди со нашиот народ“, рече тој.
Со запалена свеќа, граѓаните се помолија за здравје и благосостојба.
– Голем празник. Сакам да им честитам на сите мои сограѓани, православни христијани, да е за многу години празникот. Многу здравје, среќа, благосостојба во нивните домови.
– Сите да се добронамерни, добри, со добри мисли…
– За здравје, среќа и еден со друг повеќе да се почитуваме.
На празникот му претходи 14 дневен пост, па по литургијата се одржа чинот на причест.
– Постам, сите пости ги постам и се причестувам.
– Целта на постот е духовно да се изградиме самите себе. Ако можеме да речеме „не“ за некои основни работи, понатаму во животот ќе можеме и за други.
Во духот на хуманоста, во дворот на манастирот традиционално се одржа и крводарителска акција. Меѓу доброволците беше и Димче Филипов, кој досега има дарувано крв дури 83 пати.
„На некој некаде можеби му треба. Спасување живот, едноставно“, изјави Филипов.
Богородица важи за заштитничка на жените, мајките, леунките, рударите, но и на градот Скопје.