Натаму порталот наведува: Милошески и претставници на Министерството за внатрешни работи (МВР) на прес-конференција говореа за безбедносните протоколи и организацијата на утрешниот концерт на светски познатиот ди-џеј, со кој ќе се заокружи прославата на 35-годишнината од независноста на Република Македонија. Како организатор на музичките настани кои траат неколку недели, а кои ќе го достигнат врвот утревечер во Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје, Милошески од новинарката на „Слободен печат“ Мирослава Симоновска, беше прашан: „Зошто досега не е објавена сумата на договорот, дали има клаузула што го спречува тоа?“
Сопственикот на „Авалон“ на почетокот на одговорот, возврати со две контрапрашања. „Дали ти изгледам јас како идиот? Јас кажав за што е пресот, имате да поставите прашање во контекст на пресот?“ рече тој. Откако новинарката напомна дека тоа е прашањето, Милошески продолжи наведувајќи дека прес-конференцијата е во функција на безбедноста и организацијата на концертот на Дејвид Гета, додека за она за што се интересира претставничката на еден од медиумите што го следеа пресот, треба да одговорат од Владата.
„Ова прашање е неколку пати поставувано на другите прес-конференции, на претставниците на Владата коишто треба да одговорат на тоа прашање. Јас не сум тој што треба да одговори на ова прашање, јас сум организатор на концертот на Дејвид Гета“, посочи Милошески. Дополнувајќи се во одговорот, тој прашањето го оцени како провокација, која според него е непотребна бидејќи, како што додаде, повеќе пати било кажано кога ќе биде објавена финансиската конструкција за овогодишната прослава на Денот на независноста.
„Најкултурно и најљубезно ве замолив да пропагирате да помине ова што е можно подобро и сметам дека нема потреба за ваква провокација. Неколкупати ви е кажано кога ќе биде објавена сумата за целокупната манифестација. Јас не можам сега овде да зборувам за целокупната манифестација кога овде разговараме за Дејвид Гета, сметам дека нема потреба за вакви провокации“, изјави сопственикот на „Авалон“.
Инаку, во рамките на прославата изминатите неколку недели се одржаа повеќе настани, меѓу кои концертот на познатиот шпански тенор Хозе Карерас со повеќе македонски музучки ѕвезди, а во 11 града беше прикажан мјузикл на тематика поврзана со празникот. Одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата кога беше најавен концертот на Хозе Карерас, за тоа колкава е финансиската конструкција за целата прослава и како е избран „Авалон“ за партнер, владината портпаролка Марија Митева рече дека како влада немаат што да кријат во однос на организацијата и дека сè ќе објават откако ќе завршат со најавите на сите настани.