Поранешниот унгарски премиер Виктор Орбан ја поздрави победата на крајно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) на изборите во источногерманската покраина Саксонија-Анхалт, нарекувајќи ја голема ноќ за Германија и за Европа, јави ДПА.
„Голема ноќ за Германија и за Европа!“, напиша Орбан синоќа на социјалната мрежа Икс. „Честитки до Алис Вајдел, Улрих Зигмунд и целата партија Алтернатива за Германија за нивната убедлива победа во Саксонија-Анхалт! Врзете се. Ова е само почеток!“, додаде тој.
Орбан владееше со Унгарија 16 години пред да претрпи тежок пораз од неговиот конзервативен противник Петер Маѓар на парламентарните избори во април.
Орбан одржува врски со десничарските конзервативци и популисти ширум светот, вклучувајќи ја и Алтернатива за Германија, чија копретседателка Алис Вајдел го посети во Будимпешта неколку пати додека беше премиер.