Македонија

Требаше ли Дејвид Гета да направи спектакл во Скопје за 8 Септември?

Да расчистиме прво една работа, кога се работи за јавни пари како со концертот на Гета…

Продуцентот Ефтим Гаштов дава своја стручна оценка на настапот на Дејвид Гета на 8 Септември.

По огромбиот број реакции и прашања поврзани со спектакуларниот концерт на Арената Тоше Проевски, Гаштов открива што се стои во позадината на настанот.

А зошто Гета на 8 Септември?

ДЕЈВИД ГЕТА НЕ Е СТАВКА ВО РЕСТОРАНСКО МЕНИ: За спектаклот, цената и она што публиката не го гледа

Бев на Дејвид Гета и ќе почнам од наједноставното, си поминав фантастично.

Гледав одличен настап, сериозна светска продукција и, што за мене е можеби најважно, публика која уживаше. Илјадници луѓе кои играа, пееја, снимаа, се смееја и неколку часа едноставно беа дел од еден голем концерт.

Следниот ден, очекувано, концертот продолжи на социјалните мрежи.

Само без музика.

Колку чинел Гета? Требало ли баш тој? Дали бил соодветен за 8 Септември? За тие пари можел да дојде овој, за помалку можел оној… Потоа дојде и полемиката околу изјавата на Авалон и новинарското прашање за цената.

И токму тука сакам да кажам нешто, не само како човек кој беше во публиката, туку како човек кој организира настани многу години и кој знае барем малку што се случува зад сцената додека публиката гледа само светла, музика и артист.

Да расчистиме прво една работа.

Кога се работи за јавни пари, апсолутно треба да се знае колку чинела целата прослава. Новинар има право да праша, јавноста има право да добие одговор, а сигурен сум дека кога ќе биде затворена финансиската конструкција ќе биде објавена и крајната цена на целиот караван и сите настани, а не само ќе се фрлаат поединечни бројки и претпоставки низ социјалните мрежи.

Тоа е сосема легитимна тема.

Но нешто друго ми пречи во целава приказна.

Светските ѕвезди не се мени во ресторан.

Последниве денови читам нешта од типот:

За толку пари можеше да дојде тој.

Овој артист чини толку.

Подобро ќе беше да го земеа оној.

Од искуство можам да кажам, организирањето на голем настан едноставно не функционира така.

Не отвораш мени.

Дејвид Гета, една цена.

Џенифер Лопез, друга.

Карерас, трета.

Па ќе покажеш со прст: Овој ќе го земеме.

Кога договараш голем артист, хонорарот е само еден дел од приказната.

Прво треба артистот воопшто да биде достапен на датумот што тебе ти треба. Треба тој датум да се вклопи во неговата турнеја. Треба логистички да може да стигне продукцијата. Потоа доаѓаат агентите, договорите, техничките и hospitality rider листи, сцената, звукот, осветлувањето, видео продукцијата, транспортот, хотелите, локалниот персонал, обезбедувањето, дозволите, струјата, оградите, влезовите, backstage зоните…

И уште сто работи кои никој од публиката не треба ни да ги забележи.

Всушност, добро организиран настан е токму оној на кој публиката нема поим колку проблеми биле решени зад сцената за таа вечер сè да изгледа лесно.

Тоа го знам од сопствено искуство.

Ние организаторите најчесто сме најсреќни кога посетителот ќе си замине и ќе каже: Сè беше супер.

Тој не треба да знае што се случувало во седум наутро, што недостасувало во три попладне или кој проблем бил решен десет минути пред отворањето.

А кај артист од рангот на Дејвид Гета таа машина е неспоредливо поголема.

Затоа и ми се смешни пресметките, го најдов на интернет, чини толку.

Не оди тоа така.

Да беше доволно само да имаш пари и да одбереш име од список, овие шеициве ќе ја носеа Џенифер Лопез по дома секоја вечер да им пее после вечера.

Но ни тие не можат да купат датум што не постои.

А зошто Гета на 8 Септември?

И тука имам едноставен став.

Може некому изборот да му се допаѓа, може некому не.

Тоа е вкус.

Некој празникот го замислува со македонска народна музика, друг со рок, трет со филхармонија, четврти со електронска музика.

Но не можеме да се однесуваме како целата прослава на независноста да била еден единствен концерт на Дејвид Гета.

Имаше цел караван на настани, различни градови, различни жанрови и македонски и светски изведувачи.

Имавме Хозе Карерас со Македонската филхармонија и наши врвни музички имиња.

Имавме македонски артисти.

Имавме настани низ државата.

Имавме програма за различни генерации.

И на крајот го имавме Дејвид Гета.

Јас искрено не гледам ништо спорно во тоа една мала земја на својот Ден на независност да покаже дека може да организира и голем светски спектакл.

Напротив.

Мене тоа ми е убаво.

Да си ја почитуваме традицијата, да ги славиме нашите артисти, но истовремено да бидеме дел и од светот.

Едното воопшто не го поништува другото.

За Авалон може да се дебатира, но не може да им се избрише историјата.

За конкретната изјава која предизвика реакции ќе кажам само, секогаш може да се одговори поинаку. Особено кога станува збор за новинарско прашање.

Но една несреќна реченица не треба да избрише нешто друго.

Авалон не почна да организира концерти вчера.

Зад нив има децении работа и огромен број светски имиња донесени во Македонија и регионот.

Тие стоеја и зад концертот на Ејми Вајнхаус во Белград, кој по трагичен сплет на околности остана нејзиниот последен концерт.

Сега го видовме Карерас.

Го видовме целиот караван.

И го видовме Дејвид Гета со продукција која Скопје навистина не ја гледа секој ден.

А како организатор знам дека најтешкиот дел не е да кажеш: Јас сакам да го донесам тој артист.

Сите сакаме големи имиња.

Тешкиот дел е тој артист да сака и да може да дојде кај тебе.

Да имаш контакти.

Да имаш референци.

Да имаш доверба кај агенциите.

Да ги исполниш условите.

Да гарантираш продукција.

Да организираш безбедност.

И на крајот, кога ќе се изгаснат светлата, сè да помине како што треба.

Тоа е огромна разлика.

А јас синоќа гледав нешто многу едноставно.

Гледав луѓе кои беа среќни.

Гледав публика која уживаше.

Гледав родители со деца, млади, луѓе од моја генерација, луѓе кои можеби никогаш претходно не биле на ваков концерт.

И гледав една голема светска ѕвезда во Скопје.

Можеби затоа што се занимавам со организација на настани, јас на вакви работи понекогаш гледам и малку поинаку.

Додека некој гледа еден ласер, јас размислувам кој го донел.

Додека некој гледа сцена, јас знам колку луѓе работеле таа сцена да биде таму.

Додека некој гледа артист кој излегува точно во одредено време, знам дека зад тие два часа има денови, месеци и години работа и творење.

И токму затоа умеам да почитувам кога нешто големо ќе биде реализирано добро.

Тоа не значи дека не треба да прашуваме за парите.

Напротив.

Јас сум сигурен дека ќе ја добиеме и конечната бројка за целиот караван и целата прослава. И треба да ја добиеме.

Па тогаш секој нека процени дали вредело.

Но додека ја чекаме сметката, јас можам да кажам што видов со свои очи:

Одличен концерт.

Светска продукција.

Одлична публика.

И едно Скопје кое оваа вечер изгледаше како дел од големата светска концертна мапа.

А тоа, сакале да признаеме или не, не се купува само со пари.

Треба да знаеш и како да го направиш.
Да ни е вечна Македонија!!!

Најнови вести од: Македонија

„Babuna Red 2023“ на „Тиквеш“ го освои Лондон: Престижен трофеј за најдобро црвено вино од Македонија

На свечениот настан за доделување на наградите освоени на годинешниот International Wine Challenge (IWC), што се одржа на 8. септември во Лондон, трофејот за „Babuna Red 2023“ за најдобро црвено вино од Македонија, му беше врачен на претседателот на Управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски. Со оваа награда, „Babuna Red 2023“ се вбројува меѓу вината што оставија најсилен впечаток на едно од највлијателните и најценети светски вински натпреварувања, потврдувајќи го квалитетот, автентичноста и меѓународниот потенцијал на македонското вино. Ова престижно признание има и дополнителна тежина бидејќи „Babuna Red 2023“ на истиот натпревар освои и златен медал со високи 95 поени, издвојувајќи се меѓу најдобро оценетите вина во својата категорија.

To top