Македонскиот рубин треба да добие соодветна институционална заштита како дел од природното наследство на земјата, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, посочувајќи дека државата има обврска да го зачува овој минерал и да обезбеди негово одржливо користење. Божиновска остварила работна средба со претставници на Рударско-геолошкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и со претставници на компанијата „Деан Дира“, на која се разговарало за значењето, потеклото и можностите за заштита и промоција на македонскиот рубин.

Според Министерството, на средбата било разговарано за потребата од стручно дефинирање на карактеристиките на рубинот, неговото геолошко потекло и можностите за воспоставување механизми за негова заштита. Божиновска оцени дека македонскиот рубин не треба да се третира само како минерална суровина, туку и како дел од природното наследство на Македонија.
- „Македонскиот рубин е дел од нашето природно наследство. Наша обврска е да го заштитиме, да го промовираме и да создадеме услови неговата вредност да биде препознаена и во земјата и надвор од неа“, изјави Божиновска.

На средбата било посочено и дека со соработка меѓу институциите, академската заедница и приватниот сектор може да се создадат услови за поголема препознатливост на македонскиот рубин, но и за негово одговорно и одржливо искористување.
Процесот започна во 2025 година, кога Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во координација со Геолошкиот завод, покрена иницијатива за институционална и правна заштита на „Македонски рубин“ како географска ознака.
Геолошкиот завод изработи Елаборат за заштита на производот „Македонски рубин“ како географска ознака – полу(скапоцен) камен од природен корунд, специфичен вариетет поврзан со прилепските доломитски и калцитско-доломитски мермери.
Елаборатот е заведен под број 01-102/2 од 15 мај 2026 година, а истиот ден Геолошкиот завод поднесе пријава до Државниот завод за индустриска сопственост за заштита на географскиот назив „Македонски рубин“. На 17 јуни 2026 година, Државниот завод за индустриска сопственост донесе решение со кое географскиот назив „Македонски рубин“ беше заштитен.
Со ова, името „Македонски рубин“ добива правна заштита, но и се отвора следната фаза – практична примена на заштитата и воспоставување систем кој ќе гарантира дека називот се користи само за производи што ги исполнуваат утврдените услови.