Оџаклиески потврди дека просторот бил отстапен за потребите на продукцијата за надомест од околу 500 евра. Според него, снимањето траело од пет до шест часа. Тој посочи дека Управниот одбор донел одлука со која се овозможува користење на просторот за снимања, соодветно наменети и со предвиден надомест. Снимањето на спотот предизвика низа реакции во јавноста, при што дел од уметничката и пошироката јавност го оценија како несоодветно користење на простор со историско и културно значење.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно во текот на денешниов ден веќе побара разрешување на директорот на Историскиот музеј во Крушево и на членовите на Управниот одбор на оваа институција, кои дозволиле да се изнајми историскиот споменик „Македониум“ за снимање музички спот. Мицкоски им се извини на граѓаните за пропустот.
„Навистина она што се случило таму е нешто што не требало да се случи. Таков тип институции не треба да бидат изнајмувани и користени за такви намени. Ќе се трудиме во иднина такво нешто да не се повтори.“ – нагласи премиерот Мицкоски, кој заедно со министерката за образование и наука Весна Јаневска присуствуваше на пуштањето во употреба на реконструираниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје.