По 14 години, Владата обезбедува нови електрични автобуси со кои се очекува да се намали загадувањето и да се подобри јавниот превоз. Министерството за транспорт соопшти дека набавката опфаќа 150 автобуси и 75 полначи, во вкупна вредност од 59,9 милиони евра.
Според Министерството, најдобрата постигната единечна цена за еден автобус изнесува 321.958 евра без ДДВ. Автобусите се целосно електрични, со најмалку 33 седечки места и вкупен капацитет од 67 патници.
Од Министерството наведуваат дека станува збор за прва голема набавка на нови електрични автобуси, спроведена преку јавна постапка и во согласност со Законот за јавните набавки.
Автобусите ќе имаат автоматски клима-уред за ладење и греење, електромотор со моќност од најмалку 350 киловати, три врати, дисплеи за прикажување на станиците и линиите, платформа за лица со инвалидитет, како и современи системи за кочење и безбедност.
Во однос на критиките и споредбите со донираните автобуси на компримиран природен гас, Министерството оценува дека станува збор за различни типови возила со различни технички карактеристики. Како пример, посочуваат дека новите електрични автобуси имаат 33 седечки места, додека донираните автобуси имаат 29.
Од Министерството реагираат дека споредбите без земање предвид на погонот, капацитетот, должината и безбедносните системи можат да создадат погрешна слика за набавката.
За споредба, наведуваат дека во Загреб се набавени 62 електрични автобуси за 56,8 милиони евра, додека во Македонија се набавуваат 150 автобуси и 75 полначи за вкупно 59,9 милиони евра.
Од Министерството очекуваат новите автобуси да придонесат за намалување на аерозагадувањето, поефикасен јавен превоз и пониски трошоци за енергија и одржување на долг рок. Набавката ја претставуваат како дел од планот за модернизација на градскиот сообраќај и подобрување на услугите за граѓаните.