Родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани денеска остро реагираа на исказот на вештакот и беа отстранети од судницата. На рочиштето сведочеше вештакот од областа на градежништвото Петре Русески, предложен од одбраната на првообвинетиот Дејан Јованов-Деко.
Русески изјави дека Јованов, како закупец на просторот, не презел градежни активности што би можеле да се квалификуваат како реконструкција.
Според него, станувало збор за градежно-занаетчиски работи за ентериерно уредување на просторот за потребите на дејноста – работи од лесен обем, без бетонски или челични конструкции.
На овој исказ родителите на загинатите остро реагираа и од судницата му дофрлија на Јованов дека им ги убил децата. Судијката Дијана Груевска-Илиевска побара родителите и другите роднини да ја напуштат судницата, по што судската полиција ги испрати надвор.
„Без нас можете, судијке, ама ние без нашите деца не можеме“, изјавил таткото на едно од загинатите момчиња при напуштањето на судницата.
По кратко време родителите повторно се вратиле во судницата, а испрашувањето на вештакот продолжило. Русески посочил дека сопственик на објектот бил Гроздан Милковски, кој од 1 декември 2012 година имал склучено договор за закуп на приземниот дел со правното лице „Класик“.
За ентериерното уредување било ангажирано лиценцираното друштво „Венци проект“ од Кочани, кое изработило проект според кој бил уредуван објектот.
Во текот на рочиштето првообвинетиот Дејан Јованов се пожалил дека му се слошило, по што со полициска придружба ја напуштил судницата. Рочиштето потоа било прекинато.
Притворот на Јованов законски истекува на 3 октомври, а неговата одбрана претходно најави дека ќе понуди гаранција во имот во вредност од речиси 200.000 евра. Одбраната најавила дека во постапката ќе бидат сослушани вкупно 244 сведоци.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на 16 март 2025 година, за време на концертот на групата ДНК, загинаа 63 лица, а 222 беа повредени.