Македонија

Македонци на “распит” во полиција за орото во Овчарани (ВИДЕО)

Ова се случува во периодот кога во Грција се води предистражна постапка по пријава на граѓани во врска со традиционална прослава во селото Овчарани, Леринско

 

Во последните денови Македонци добиваат повици од полицијата за да дадат исказ во рамките на истрага за наводно кривично дело, објави Македонското движење за промоција на мајчиниот јазик „Крсте Мисирков“.

Во објавата се наведува дека предметот опфаќа 15 лица и две организации. Од македонското движење „Крсте Мисирков“ ги повикуваат сите кои добиле полициски повик да ја информираат организацијата.

„Организирано ќе реагираме против самоволието и обидот за заплашување на Македонците кои јавно зборуваат и пеат на македонски јазик“, се наведува во објавата.

(Видео) Песни за Филип и Александар Македонски на прослава во Овчарани предизвикаа реакција во Грција

Во постот на Фејсбук организацијата „Крсте Мисирков“ не го наведува конкретниот повод за овие покани за разговор во полициските станици. Но, ова се случува во периодот кога во Грција се води предистражна постапка по пријава на граѓани во врска со прослава во Овчарани, Леринско. На 8 септември двајца грчки државјани, до Обвинителството во Флорина доставиле видео од прославата одржана на 19 јули во Овчарани (Мелити). Тие побарале да се испитаат евентуални кривични или други одговорности поврзани со однесувањето на лицата што се појавуваат на снимката.

На видеото се гледа група луѓе како пеат и играат на песната „Александар, цар македонски“. Грчките медиуми особено ги истакнаа стиховите во кои се вели дека „Грците згрешиле“, а песната завршува со повикот „Грци одете си, доста веќе со лагите“.

Во пријавата, според објавените информации, се бара од грчките институции да утврдат дали содржината на песната, однесувањето на присутните и гестовите што се гледаат на видеото можат да претставуваат кривично дело.

Организацијата „Крсте Мисирков“ на својот фејсбук-профил тврди дека полицијата повикува Македонци на разговор.

Oстанува отворено прашањето дали според грчкото законодавство содржината на песната и евентуалните гестови на присутните можат да претставуваат кривично дело и како како грчките институции ќе ја третираат употребата на македонскиот јазик и пеењето македонски песни од припадници на локалната македонска заедница.

МКД.Мк

Најнови вести од: Македонија

To top