Случајот со наводно физичко малтретирање на двајца млади Албанци на 21 и 23 години добива нови детали. Полициски службеник од албанска националност, дел од криминалистичката полиција, е посочен како главен учесник во инцидентот.
За настанот веќе е поведена постапка за внатрешна контрола, а според сознанијата на „Скопје1“ се очекува строга санкција.
Опозициските партии од албанскиот блок – Алијанса на Албанците и ДУИ – остро реагираа, објавувајќи фотографии од повредите и барајќи целосно расветлување, како и одговорност за евентуалното пречекорување на овластувањата.
Според наводите што ги објавија партиите, двајцата млади тврдат дека биле физички нападнати од полициски службеници и дека при интервенцијата било оштетено нивното возило.
ДУИ посочува дека во интерниот полициски извештај стои дека младите му го одзеле службениот пиштол на еден од полицајците. Тие, пак, тврдат дека оружјето завршило во нивниот автомобил откако полицијата го скршила стаклото.
Според нивните тврдења, полицајците употребиле огнено оружје, ги дупнале гумите, а потоа ги врзале и ги легнале на земја, каде што биле малтретирани.
Алијансата на Албанците порача дека полицијата мора да биде гаранција за безбедноста на сите граѓани, а не причина за страв.
„Секое пречекорување на овластувањата, неразумна употреба на сила или малтретирање мора да добие соодветен институционален и правен одговор. Во оваа ситуација, молкот на ВЛЕН и на заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени е неприфатлив“, соопштија од партијата.
Од ДУИ побараа оставка од заменик-министерот Исени и целосна истрага.
„Правата и достоинството на граѓаните не смеат да бидат повредувани од оние чија должност е да ги штитат“, наведуваат од ДУИ.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека министерот Панче Тошковски наложил Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди да ги испита сите околности.
„Одделот презема мерки и активности за целосно утврдување на фактичката состојба и околностите на настанот, како и за утврдување на евентуална одговорност на инволвираните полициски службеници. По утврдувањето на фактичката состојба ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законските прописи, а јавноста ќе биде навремено известена“, соопштија од МВР.
Според неофицијални информации, во центарот на постапката е токму службеникот од криминалистичката полиција посочен како главен учесник. Се очекува санкционирање, но официјална потврда за дисциплинска мерка засега нема.
Внатрешната контрола треба да утврди дали била употребена прекумерна сила, под кои околности било употребено огненото оружје и каква била улогата на секој од инволвираните.