Да се биде млад денес значи да се расте под постојано набљудување – меѓу туѓи мислења, уредени фотографии и брзи трендови. Во период кога идентитетот сè уште се гради, желбата за припадност лесно може да го потисне сопствениот став. Вистинскиот предизвик е како да не се изгубиш себеси додека го бараш своето место.
Менталното здравје не е само тема за криза. Тоа се гледа во тоа како ја доживуваме сопствената вредност, како се справуваме со притисокот и како носиме одлуки. Кај младите е тесно поврзано со можноста да кажат „не“ кога нешто не се совпаѓа со нивните вредности.
– Врсничкиот притисок не мора да биде отворено убедување. Често се чувствува како тивка порака дека мора да изгледаме и да избираме како другите за да бидеме прифатени. Кога споредувањето станува секојдневие, младата личност лесно почнува да се сомнева во сопствената вредност – вели психологот Наташа Маџевска.
Социјалните мрежи го засилуваат овој притисок бидејќи прикажуваат идеализирани моменти како целосна реалност. Притисокот може да се препознае во нарушен сон, повлекување, раздразливост или бескрајно скролање.
Според СЗО, секој седми адолесцент живее со предизвик поврзан со менталното здравје. Промената во однесувањето често е сигнал дека е потребен разговор, а не осуда.
Самодовербата се гради кога откриваме што ни е важно и каде се нашите граници. Критичкото размислување помага да се препознаат пораките што убедуваат преку страв или потреба за прифаќање.
– Не постои закон што може целосно да ги заштити младите од притисокот. Забраните се неопходни, но долгорочни резултати се постигнуваат кога младите се охрабрени да размислуваат критички и добиваат поддршка – нагласува Маџевска.
Заштитата е заедничка одговорност: родители што слушаат, наставници што поттикнуваат прашања, пријатели што даваат чувство на припадност и институции што ги штитат малолетниците.
Да се остане свој значи да се препознае кога туѓите очекувања стануваат погласни од сопствениот став и да се има храброст да се застане или да се побара помош.
По повод Светскиот ден на менталното здравје, пораката е јасна: младите не треба да бидат имуни на притисокот. Потребно е да го препознаат, да знаат кому да се обратат и да изберат според сопствените вредности.