Македонија

Македонецот Дино Имери со светска премиера и стоечки овации во Германија (ВИДЕО)

Изведени дела од Дамир Имери, Дијана Илкоска и Глигор Смокварски

Македонската музика вечерта во Кармен Вурт Форум во Германија доби стоечки овации. Оркестарот со светско реноме Вурт Филхармоникер, солистиот пијанист Дино Имери и диригентот Клаудио Вандели приредија концерт под наслов „Традиција и Модерна“, на кој беа изведени четири дела од македонски автори: „Ситна Лиса“ во обработка на Дамир Имери, „Рана“ од Дијана Илкоска, „Тешкото“ од Глигор Смокварски и Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери. Автентичен печат даде и учеството на Ратко Даутовски на тапан.

Германската критика го оцени настапот како „вистински македонски чуда за ушите“.

Делото „Рана“ доживеа светска премиера. Критичарот Андреас Дене од водечкиот регионален весник „Хајлбронер Штиме“ забележа дека во него „музиката го објаснува она што не можат зборовите“, а изведбата ја оцени како „доведена до совршенство од страна на звучното тело на Вурт Филхармоникер“.

Претставувајќи го концертот, главната директорка за култура во Вурт, Силвија Вебер, рече: „Ништо вообичаено не нѐ очекува вечерва, оние кои го ценат исклучителното се на вистинското место – тука.“

„Ситна Лиса“ беше опишана како „мост помеѓу чистата природа на фолклорниот мелос и експресивната моќ на големиот симфониски оркестар“, додека „Тешкото“ донесе френетичен климакс и експлозивен пик.

Централно место во првиот дел имаше Концертот за пијано и оркестар од Дамир Имери. Неговиот син, Дино Имери, покажа „техничко совршенство кое буквално Ви го одзема здивот.

Неговите прсти летаа по клавијатурата со леснотија како од игра, додека ансамблот со преку седумдесетина музичари од филхармонијата динамично го поддржуваа низ комплексните ритмички пластови.

Три става, три звучни светови – драматичниот наплив, лирската интроспекција и џезерската слобода поминуваа низ емотивно превирање. Дино Имери ги обликува овие транзиции со силно присуство, а продолжените аплаузи тоа го потврдија.“

Вториот дел беше посветен на Морис Равел. Оркестарската суита „Мојата мајка Гуска“ го отвори светот на бајките, а Концертот за пијано и оркестар во Г-дур ја кулминираше вечерта: „џезираните ритмови блескаат, танцевалните движења ја придвижуваат музиката, а виртуозните пасажи го прават пијаното да сјае.

Во бавниот став се откри мелодија со таква интимност што прави да се чувствувате како некој да Ви кажува мисла која си ја чувал за себе долго време.“

Дино Имери се опрости од публиката со два биса: „Мак Олуја“ и „Ревиско Оро“ од Милан Завков (во аранжман за пијано од Дамир Имери), по продолжениот громогласен аплауз и стоечки овации.

Шеф-диригентот Клаудио Вандели изјави за македонскиот пијанист: „Дино е исклучителен пијанист кој, како многу малку други, има способност совршено да ја балансира неговата спектакуларна техничка виртуозност со длабока зрела интерпретација, Ве допира со убавината на звукот и високата поетска музикалност.Тој е огромен уметник кој ја наежува публиката веднаш штом ги допре клавишите.“

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Ако не се свртиме кон семејните вредности и многудетните семејства економијата ќе биде на удар

Ако не се свртиме кон семејните вредности и кон многудетните семејства и ако тие вредности не ги промовираме, македонската економија ќе биде прва која што ќе биде на удар, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја изјавата на вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски дека до 2030 година годишно ни се потребни 50.000 странски работници, за да го држиме нивото на БДП што го имаме сега.

ОКТА продолжува со попуст од два денари по литар дизел гориво

Како одговор на најновите случувања на меѓународните пазари на горива, ОКТА АД – Скопје воведува привремен попуст од 2 денари по литар дизел гориво, со важност од денеска, 20 октомври 2026, до 2 ноември 2026 г.

(Фото): Работна средба за инфраструктурните приоритети на Карпош

Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, се сретна со ресорниот министер за транспорт, Александар Николоски, каде беа разгледани тековните инфраструктурни проекти и можностите за нови инвестиции во интерес на граѓаните.

To top