Oпштински редари кои ќе дејствуваат на терен во две смени, користејќи службени возила ќе патролират низ територијата на општина Бутел.
Ова, на социјалните мрежи го соопшти градоначалникот на Општината, Дарко Костовски.
Според него, постапки како што се несовесно фрлање отпад, создавање диви депонии, оштетување на општинскиот имот и други прекршувања на комуналниот ред ќе бидат предмет на санкционирање.
„Јавниот простор им припаѓа на сите нас, но тој е и одговорност на секој од нас“, нагласува Костовски.
Тој додава дека целта на оваа мерка не е казнување на граѓаните, туку воспоставување ред и поттикнување поголема одговорност кон заедничките простори.
„Нашата цел не е да казнуваме, туку да воспоставиме ред, одговорност и почит кон нашите заеднички простори“, се наведува во соопштението од градоначалникот на Општина Бутел.