Движењето „Жолти елеци“ денеска повторно излегува на улиците во Париз, овојпат како дел од растечка коалиција на демонстранти кои протестираат против недоволните вложувања во јавното образование, ниските плати и зголемените трошоци за живот.
„Жолтите елеци“ повикаа на нови протести по минатиот викендот кога земјата беше потресена од демонстрации и немири, што резултираше со големи штети на владини згради и продавници низ целата држава.
Локалните власти ги забранија демонстрациите низ Франција, додека во Париз го одбија планот на „Жолтите елеци“ да маршираат низ прометни трговски квартови каде што се наоѓаат луксузни продавници.
Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, најави масовно полициско присуство со цел да се спречат насилството и грабежите. Тој изјави дека низ Франција ќе бидат распоредени 70.000 полицајци и жандарми.
Нуњез додаде дека имало бројни повици за насилство и грабежи – пораки кои, како што наведе, доаѓаат од изгредниците.
Министерот за внатрешни работи изјави дека одреден број демонстрации се веќе забранети.
Собирите ќе бидат дозволени под услов организаторите да обезбедат редари, „и – се разбира – под услов да не се одржуваат на локации каде што би можело да дојде до грабежи, нарушување на јавниот ред и мир или слични инциденти“.
Во Париз е одобрен марш пријавен од синдикатите, иако неговата рута е изменета. И покрај ограничувањата воведени за саботните демонстрации, во чувствителните урбани средини и натаму се применуваат мерки за ограничување на движењето, рече Нуњез.
Младите протестираат со недели, барајќи подобри услови во училиштата. Минатиот викенд, во бројни градови, на овие демонстрации им се приклучија и други групи – вклучително и оние што протестираат против високите трошоци за живот. На маргините на протестите дојде до сериозни судири.
Над 1.800 уапсени и 500 повредени полицајци во протестите низ Франција