Историското Градско собрание во Лимож, централна Франција, беше зафатено од голем пожар вчеравечер, кој уништи голем дел од зградата, а камбанаријата и значителен дел од покривот се урнаа.
Според француските медиуми, пожарот избувнал на крајот од протестите против растечките трошоци за живот, откако група маскирани лица ги скршиле прозорците на зградата, влегле и запалиле соби на првиот кат. Пламените јазици брзо се прошириле на покривната конструкција.
Пожарникарите се обидоа да го локализираат пожарот, но пламенот се ширеше на сè поголем дел од зградата. Покривот се урна врз долните катови, а се урна и култната камбанарија. Според локалните власти, околу две третини од фасадата е уништена.
Градоначалникот на Лимож, Гијом Герен, ја опиша штетата како исклучително тешка. Префектот на департманот Горна Вјена, Морис Барат, го нарече инцидентот катастрофа за културното наследство и го осуди палењето како намерен чин на вандали.
Службениците на општината, претставниците на локалната самоуправа и полицијата беа во зградата во времето на инцидентот. Според првичните информации, никој не е повреден.
Градското собрание е отворено во 1883 година и е едно од историските обележја на Лимож. Зградата е прогласена за заштитен историски споменик во Франција во 1975 година.
Демонстрации се одржаа и во други градови во земјата, со судири, палежи и вандализам на некои места.
Видео од колапсот на камбанаријата од пламените јазици на линкот.