„Македонија сега е во сигурни раце. Имам целосна доверба во актуелната влада, која на секое поле работи за консолидација на државата, штитејќи ги националните интереси“, изјави Агатангел во емисијата „За македонските работи“.
Говорејќи за политичката иднина на ВМРО-ДПМНЕ, митрополитот рече дека на неговите соговорници им порачал дека партијата ќе владее колку што владеел поранешниот претседател на Југославија, Јосип Броз Тито, додавајќи дека посакува тоа да се оствари.
Агатангел наведе дека има доверба и во министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и вицепремиерот Александар Николоски.
Во интервјуто митрополитот упати и остри критики кон професорот Љубомир Фрчкоски и дел од новинарите кои, според него, ја напаѓаат Македонската православна црква – Охридска архиепископија и шират информации за наводно неединство во нејзините редови.
Агатангел ги обвини новинарите дека зад критиките кон МПЦ стојат финансиски интереси, но не ги именуваше лицата на кои се однесуваат неговите тврдења, ниту изнесе конкретни докази за обвинувањата. Тој порача дека нападите треба да престанат, оценувајќи дека со нив се понижуваат и Црквата и македонскиот народ.