Македонија

 „Здравје и заштита на здравјето“ наместо сексуално образование

Ревидирана програма за сеопфатно сексуално образование, која сега го носи името „Здравје и заштита на здравјето“ објави Бирото за развој на образованието, на својата официјална интернет-страница

 

Во новата верзија се отстранети термините „сексуално образование“, „род“ и „сексуални права“ од називите на темите и од наставните единици. Темата „Род и родова рамноправност“ сега е именувана само „Рамноправност“, а лекцијата за родовата еднаквост, родовите стереотипи, дискриминацијата и за сексизмот е заменета со лекција за стереотипите, предрасудите и за дискриминацијата. „Сексуално и репродуктивно здравје“ е преименувана во „Репродуктивно здравје“, додека темата „Сексуални и репродуктивни права“ сега се вика „Права и одговорности поврзани со здравјето“.

Во лекцијата за бременоста повеќе не се споменува контрацепцијата во насловот, туку „заштита од несакана бременост“. Сепак, методите на контрацепција и понатаму се присутни во наставните цели на новата програма.

Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје реагира на новата наставна програма за слободниот изборен предмет „Здравје и заштита на здравјето“ за гимназиско образование, оценувајќи дека отстранувањето на поимот „род“ и термините поврзани со него претставува сериозен концептуален пропуст.

Во реакцијата упатена до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието, Институтот наведува дека ја поздравува програмата поради воведувањето содржини за рамноправност, репродуктивно здравје, здрави и безбедни врски, согласност и сексуално насилство. Сепак, сметаат дека е проблематично што во новиот документ не се употребуваат поимите „род“, „родова рамноправност“, „родови улоги“, „родови стереотипи“ и „родово базирано насилство“.

Оваа реакција доаѓа по одлуката на Министерството за образование и наука од 9 септември годинава да ја повлече наставната програма за изборниот предмет „Сеопфатно сексуално образование“ во средните училишта. Министерката Весна Јаневска тогаш соопшти дека одлуката е донесена по реакции во јавноста и дека програмата ќе биде подложена на детална ревизија, заедно со Бирото за развој на образованието.

Најнови вести од: Македонија

To top