Еден од основачите на бугарската партија „Продолжуваме со промената и поранешен премиер, Кирил Петков објави саркастичен коментар по резултатите од претседателските избори на кои победник и иден претседател на Бугарија е Илијана Јотова.
„Јасно е дека новиот претседател се вика Илијана Јотова.
Сега очекуваме брз крај на војната меѓу Русија и Украина, бидејќи го избравме „претседателот на мирот“ – а таа, за миг, користејќи ја моќта на дипломатијата, ќе ги принуди страните да ги прекинат непријателствата.
Едвај чекам да ги видам нејзините први одлучни потези, со оглед на огромното искуство што го стекнала во текот на последните 30 години“ објави Петков пренесуваат бугарски медиуми.
„Исто така, очекуваме голем просперитет под администрацијата на Радев: брзо решавање на проблемот со високите цени и буџетскиот дефицит, огромен пораст на приходите на граѓаните и, се разбира, целосно демонтирање на олигархијата.
Целата власт сега е во рацете на „Прогресивна Бугарија“, а очекувањата се огромни. Од овој момент па натаму – држејќи ја сета власт – тие веќе немаат никакви изговори“, напиша Петков кој краткотрајно ( од 13 декември 2021-ва до 2 август 2022 година) беше бугарски премиер.