Фондот за здравствено осигурување ги негира тврдењата дека избегнува разговори со приватните гинеколози и нагласува дека е подготвен за преговори и заеднички решенија. Од институцијата порачуваат дека разликите треба да се надминат со аргументи, а не преку јавни препукувања.
„Фактите се јасни. На 28 октомври 2026 година, д-р Костадинов, заедно со претставници на приватните гинеколози, оствари работна средба со генералниот директор на Фондот и претставници на стручните служби. На средбата беа разгледани отворените прашања и беше договорено продолжување на разговорите. На денешната средба, организирана токму за разгледување на предложените договорни решенија, наместо аргументирана дискусија, претседателот на Здружението не понуди конкретни образложенија за своите ставови и ја напушти средбата“, стои во соопштението од Фондот.
Во однос на барањето во договорите да се наведат видот, обемот и зачестеноста на гинеколошките прегледи што влегуваат во капитацијата, од ФЗОМ објаснуваат дека овие прашања се регулирани со законската и подзаконската регулатива, како и со медицинските стандарди, а не со поединечните договори.
„Во однос на барањето во договорите да бидат наведени видот, обемот и фреквенцијата на гинеколошките прегледи опфатени со капитацијата, Фондот појаснува дека овие прашања се уредуваат со соодветната законска и подзаконска регулатива и медицинските стандарди, а не со поединечните договори со избраните лекари. Договорите ги уредуваат меѓусебните права и обврски, како и условите и начинот на финансирање“, велат од ФЗОМ.
И покрај тековните несогласувања, Фондот предлага да се формира заедничка работна група со претставници на Здружението. Групата би ги разгледала доставените предлози и, доколку има потреба, би иницирала измени на подзаконските акти.
Од институцијата истакнуваат дека ги почитуваат приватните матични гинеколози и остануваат отворени за соработка, но дека на прво место мора да бидат интересите на осигурениците, достапноста на услугите и почитувањето на прописите.