На заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Михалис Рокас, Мицкоски истакна дека Европската комисија констатирала напредок во спроведувањето на реформската агенда и ја вброила земјата меѓу оние со најдобри резултати во рамките на европскиот инструмент за реформи и раст.
Рокас денеска му го предаде на премиерот извештајот за напредокот на земјата по што Мицкоски ги презентира оценките и резултатите.
– Имаме подобар извештај од минатата година. Европската комисија констатира значителен напредок во спроведувањето на нашата реформска агенда и нè вбројува меѓу земјите со најдобри резултати во рамките на европскиот инструмент за реформи и раст. Во годишниот извештај нема нитедна оценка за назадување, напротив. Во две преговарачки поглавја е зголемено нивото на подготвеност за членство во Европската Унија, односно во дигиталната трансформација и медиумите, како и во образованието и културата. Минатата година такво подобрување беше забележано во едно поглавје – рече Мицкоски.
Тој посочи дека овие оценки се поткрепени со конкретни резултати, наведувајќи дека до јуни годинава Европската комисија ослободила 142,1 милиони евра во рамките на теформската агенда.
Мицкоски се осврна и на економските показатели наведени во извештајот, во кој се потврдува економски раст од 3,5 проценти во 2025 година, како и намалување на невработеноста од 12,5 на 11,7 проценти. Притоа нагласи дека извештајот го опфаќа периодот заклучно со 31 август годинава, а дека во меѓувреме Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка ги ревидирале нагоре прогнозите за економскиот раст.
Според податоците што ги презентира премиерот, економскиот раст за 2024 година бил ревидиран од три на 3,8 проценти, а за 2025 година од 3,5 на 3,8 проценти.
Мицкоски оцени дека станува збор за резултати што Европската комисија ги евидентирала во својата официјална оценка за економијата на земјата.
Премиерот посочи дека Европската комисија нотирала добар напредок и во дигиталната трансформација, науката и истражувањето, како и во надворешната и одбранбената политика.
Во делот на дигитализацијата, тој информира дека до јуни годинава 44 државни институции го користеле новиот систем за електронско управување со документи. Националниот портал, според податоците до крајот на август, опфаќал 338 електронски услуги, вклучително и оние што се делумно достапни, а неговото користење било двојно зголемено во споредба со претходната година.
– Ова се промени што значат поефикасни институции, поедноставни постапки и подобри услуги за граѓаните и компаниите – рече Мицкоски.
Во образованието, како конкретни резултати ги посочи усвојувањето на новата стратегија за периодот 2026 – 2032 година, продолжувањето на развојот на стручното образование и воспоставувањето вкупно осум регионални центри за стручно образование, од кои три веќе се оперативни.
Посебно внимание посвети на оценките во областа на правосудството посочувајќи дека Европската комисија констатирала оти новиот Закон за Судскиот совет во голема мера ги адресира препораките на Венециската комисија.
Тој направи споредба со минатогодишниот извештај, кога во Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството и фундаменталните права, беше констатирано дека нема напредок, а во годинешниот документ е нотирано ограничено ниво на напредок.
Исто така, кај функционирањето на судството оценката е подобрена од „нема напредок“ на „одреден напредок“.
– Тоа е поместување што треба да продолжи да се потврдува со резултати во пракса – истакна премиерот.
Во однос на надворешната и одбранбената политика, Мицкоски рече дека Европската комисија ја потврдува целосната усогласеност на земјата со заедничката политика на Европската Унија, што, според него, претставува потврда за стратешката определба и улогата на Македонија како сигурен и кредибилен европски партнер.
Премиерот нагласи дека извештајот, покрај позитивните оценки, содржи и забелешки, што Владата ги сфаќа сериозно и на кои треба да се работи во следниот период.
Тој рече дека надлежните институции мора да продолжат со законските и институционалните реформи и да ги обезбедат потребните услови и ресурси, а од судските и обвинителските органи се очекуваат конкретни резултати, професионалност и доследно спроведување на законите.
Како отворено прашање ги посочи и уставните измени нагласувајќи дека позицијата на Владата останува оти европските интеграции треба да се темелат на јасни правила, предвидлив процес и меѓусебна доверба.
– Нашата држава има обврска да ги спроведува реформите. Европскиот процес има потреба од доследност и предвидливост – рече Мицкоски.
Тој упати и поширока политичка порака нагласувајќи дека европските интеграции остануваат трајна стратешка определба на државата и на политичките партии и покрај предизвиците и тешкотиите со кои земјата се соочува во изминатите децении.
Осврнувајќи се на спорот со источниот сосед, Мицкоски рече дека станува збор за наметнат билатерален спор што претходната влада прифатила да го вклучи во општите критериуми за членство, што, според него, претставува хендикеп во развојот на интегративниот процес.
– Ние немаме недостиг на реформи, туку преостанати политички услови – нагласи премиерот.
Мицкоски посочи дека Европската Унија е најважниот економски партнер на Македонија и дека членството во неа значи пристап до големиот европски пазар, поголеми можности за домашните компании, повеќе инвестиции, подобра инфраструктура и повисоки стандарди во сите области на општеството.
Според него, европската интеграција подразбира и посилни институции, поефикасно правосудство и подобра заштита на правата на секој граѓанин, како и повеќе можности за образование, професионален развој и работа за младите.
Тој оцени дека во актуелните сложени геополитички околности европската интеграција добива дополнително значење бидејќи безбедноста на европскиот континент, економската конкурентност, енергетската стабилност и отпорноста на надворешни влијанија сè повеќе зависат од способноста на Европа да дејствува заеднички.
– Западен Балкан е дел од оваа европска иднина. Затоа веруваме дека процесот на проширување мора да добие нова енергија. Таа енергија мора да произлезе од реформите што ги спроведуваат земјите кандидатки, но и од јасната политичка посветеност на самата Европска Унија – рече Мицкоски.
Тој порача дека Владата е подготвена да го преземе својот дел од одговорноста преку зајакнување на институциите, подобрување на економијата, борба против корупцијата и усогласување на законите и стандардите со европските.
– Не бараме привилегии. Бараме доследна примена на принципот дека напредокот треба да се вреднува според постигнатите резултати. Веруваме во Европа, која ги исполнува своите ветувања, која ги почитува своите принципи и која има доволно самодоверба да ја продолжи својата историска мисија на обединување – истакна премиерот.
Мицкоски ја потврди посветеноста на Владата на реформскиот процес и соработката со европските институции најавувајќи продолжување на активностите со конкретни мерки, мерливи резултати и јасна европска перспектива.