Поранешниот амбасадор го поздравува ова, но по овој чин тој предлага тргнување во една конкретна акција, затоа што како што вели – никој нема да ни даде од надвор што било ако ние не се избориме самите за тоа. Така било секогаш, ако бебето не плаче, не му даваат млеко, посочува Никовски, тоа е животно правило.

Предлага две опции на кои мора да се инсистира беспоговорно. Вели дека работите мора да се прават на реципрочна основа, односно ако Бугарите влезат во македонскиот устав, тоа истото да се случи со Македонците во бугарскиот. Втората опција е Софија да прифати барем една пресуда на судот во Стразбур за органзирање на Македонците во Бугарија. Никовски вели дека тогаш македонското прашање ќе биде решено на начин на кој ние сакаме, но проблемот е што Бугарија не е спремна на такво нешто. Како и да е, не смееме да се откажеме од борбата за своето, а притоа мора со сите сили да го укинеме 2-от протокол, кој е гробар на македонскиот пат кон ЕУ, потенцира поранешниот амбасадор во интервјуто во ТВ Алфа.