Копретседателот на ВРЕДИ, Изет Меџити, ја смирува топката по искрите во односите со ВМРО-ДПМНЕ по вонредните избори за градоначалник на Брвеница, кога од партијата на Христијан Мицкоски го нарекоа владиниот партнер „тројански коњ“.
Зборувајќи пред новинарите во Боговиње за неодамнешните избори во општината близу Тетово, Меџити изјави дека редовно се среќава со премиерот и оти, иако понекогаш имаат различни гледишта или ставови, успеваат да ги решат овие прашања во рамките на Владата.
„Имаме редовни средби со премиерот Мицкоски. Ние сме дел од Владата, но сме и партнери. Не размислуваме секогаш исто и има моменти кога нашите мислења и ставови се разминуваат. Сепак, Владата поседува демократски капацитет да ги реши овие прашања внатрешно и да продолжи понатаму. Ние сме фокусирани на решенија, а не на избори“, рече поранешниот министер за животна средина, а сега градоначалник на Чаир.
Тој додаде дека прашањето поврзано со Брвеница е решено и нема да има никакво влијание врз Владата.