Македонија Колумни

Студиите на Божидар Видоески ги кршат на парчиња грчко-бугарските шовинистички негирања на македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија (1)

Со своето големо научно дело за македонската дијалектологија професорот и академик Божидар Видоески му изгради траен паметник на македонскиот народ за неговиот мајчин македонски јазик и неговите дијалекти, на македонскиот идентитет. Зашто во дијалектите на македонскиот јазик се вградени сета негова историја, сето зборовно богатство, културата, обичаите, народните традиции, песните. Вчера, на 8 ноември 2026 година, се навршија 106 години од раѓањето на Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија. Тој остави зад себе остави огромно дело од повеќе од 300 библиографски единици – дијалектолошки студии, монографии, статии, документи и др., објавувани во домашни и видни странски списанија и зборници. Истражувањата и студиите на овој македонист, славист и дијалектолог жестоко ги побиваат сите антимакедонски и ненаучни фалсификати и оспорувања на македонскиот народ, јазик и идентитет, кои се вградени во „Договорот за добрососедство“ со Бугарија, односно „Бугарскиот договор“, како и во „Преспанскиот договор“.

Пишува: Свето Тоевски

„Македонскиот јазик го зафаќа централниот дел на Балканскиот Полуостров…. На југ се граничи со грчкиот јазик на целиот простор од планината Грамос па до реката Места во Тракија. … Македонска реч може да се чуе сѐ до линијата Грамос – Бер – Солун… Македонското население во областа Пиринска Македонија (околу 180 илјади според пописот од 1956) … освен со својот македонски дијалект се служи и со бугарскиот стандарден јазик како службен…“ – напиша академик Божидар Видоески во првиот том од својата триделна монографија „Дијалектите на Македонскиот јазик 1“, објавен во издание на Македонската академија на науки и уметности во 1998 година.

Видоески, основоположникот на современата македонска дијалектологија (наука за дијалектите на јазикот) повеќе од 40 години вложи од својот живот на теренските испитувања на распространувањето на македонскиот јазик со своите дијалекти на севкупната македонска јазична територија. Таа јазична, поточно етнојазична територија е многу поголема, многу поширока одошто се денешните државни граници на Република Македонија. Во вториот и третиот том, издадени во 1999 година, се опишани подробно македонските дијалекти во Егејска и Пиринска Македонија со сите нивни карактеристики.

Претходно, на научниот собир „Македонските дијалекти во Егејска Македонија“, одржан во организација на МАНУ од 23 до 24 декември 1991 година во Скопје, Видоески ќе каже: „Во повеќе лингвистички центри преовладуваат разбирањата дека македонскиот јазик е ограничен со републичките граници на Македонија. Македонската лингвистика и воопшто македонската наука има обврска оваа заблуда да ја разоткрие, да ги покаже сите точки на Балканот каде што се изговара македонска реч и да докаже како звучи таа реч.“

Поодделно за македонските говори во Егејска Македонија, денес во Грција, овој дијалектолог ќе дополни во таа пригода: „Егејските говори претставуваат живо сведоштво за појави и процеси што се вршеле во текот на илјадагодишната историја на македонскиот јазик на балканската почва.“ Тие претставуваат извор и храна за нашата историска граматика и историјата на јазикот.“

Божидар Видоески

„Дијалектите на македонскиот јазик 1-3“ на академик Божидар Видоески функционираат како една целина. Првиот том нуди општа слика и класификација на македонскиот дијалектен јазик., Во вториот и третиот том содржат дополнителни монографски описи и теренски студии за македонските дијалекти во Пиринска и Егејска Македонија. Приложени се геолингвистички и дијалектни карти, кои го покажуваат распостранувањето на македонските говори во Бугарија и Грција, но и во Албанија. Поместени се и дијалектни текстови, односно  изворен материјал – автентични јазични текстови, собрани директно од теренот.

Дваесеттина години по објавувањето на ова дело од капитално значење за македонскиот јазик и народ, се дрзнуваат Зоран Заев и неговите министри за надворешни работи, прво Никола Димитров, а потоа Бујар Османи, да потпишат два „добрососедски договора“ – „Бугарскиот“ и „Преспанскиот“ – под силна режија на тогашната американска администрација и ЕУ. Два договора, кои почиваат врз тешки шовинистички негирања на постоењето на македонскиот народ и неговиот мајчин јазик.

Следи потсетување на она, што е веќе добро познато. Бугарскиот парламент во октомври 2019 година усвои декларација за преговори на ЕУ со Македонија, во која, меѓу другото, се бара никаде да не се споменува „македонски јазик“, туку „официјален јазик на С.Македонија“.  Во јули 2022 година Софија Бугарија испрати еднострана изјава до земјите членки на ЕУ дека „македонски јазик не постои, туку станува збор за дијалект на бугарскиот јазик“. Во таа јулска декларација на Бугарија македонскиот јазик директно се прогласува како „регионална писмена норма“ и „дијалект на бугарскиот јазик“.

„Повикувајќи се на став 22 од Преговарачката рамка за пристапување на С.Македонија во ЕУ и нејзиното повикување на официјалниот јазик на С.Македонија, согласно со нејзиниот Устав, како јазик за превод на законодавството на ЕУ, со оваа декларација Бугарија го потврдува следново: … Создавањето на „македонскиот јазик“ во 1944-1945 година во поранешна Југославија беше чин на вторична кодификација (рекодификација) врз основа на бугарскиот литературен јазик, дополнително ‘збогатен’ со локални форми, со што се симулираше ‘природен’ процес заснован на дијалектна форма.“ – се наведува во таа бугарска декларација, која се наоѓа во дипломатската архива на Брисел.

Ова е таа „Преговарачка рамка“, која ги има опфатено и споменатата декларација и злогласниот „Втор протокол“ во „пакет“ со „Договорот за доброседство“ – поправо кажано „Бугарскиот договор“. Тие ги „множат со нула“ постоењето на Македонците и македонскиот јазик во Пиринска Македонија. Но и вооопшто македонскиот народ и македонскиот јазик во целина.

Од друга страна, „Преспанскиот договор“ од 2018 година, барем на хартија, го „признава“ постоењето македонски јазик. Ама ставен во „ “ – наводници и доведен во строга врска „како официјален на  државата С.Македонија“. Значи, „македонски јазик“ го има само во овде, но не и во Грција… Со „дипломатско-реторички финти“ Македонија е означена како „Втора страна“, а Грција како „Прва страна“. „Преспанскиот договор“ навистина нема никакви изрази на директни негирања на постоење, или забрани за употреба. Но, суштински – еден куп.

 „Официјалниот јазик на Втората страна ќе биде ‘македонскиот јазик’.  … „Кога се упатува на Втората страна, овие термини го означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со сопствена историја, култура и наследство… Двете страни изјавуваат дека официјалниот јазик и останатите одлики на Втората страна не се поврзани со … северниот регион на Првата страна.“ – се наведува во овој „Преспанскиот добрососедски договор“. Во суштина со него во праксата се распарчува дијалектната целина на македонскиот јазик, зашто од неговиот дијалектен систем отцепува цела една подгрупа наречена „јужни говори“ – едно од вкупно четирите дијалектни групи, односно наречја во составот на македонската дијалектна целина.

Јужните говори, сочинети од поголем број дијалекти и поддијалекти, се зборуваат од македонското домородно население токму во „северниот регион на Првата страна“, односно во Егејска Македонија, во северниот дел на Грција. Со Преспанскиот договор се цели да се раскине природната поврзаност на македонските дијалекти и поддијалекти во Егејска Македонија со македонската јазична матица, се дроби живиот организам на македонскиот јазик. Токму затоа овој денес „Преспанскиот договор“ претставува своевиден „јазичен Букурешки договор“.

Виктор Фридман

Еден од најугледните и најголеми македонисти во светот проф.д-р Виктор Фридман реагираше уште кон крајот на 2019 година со жестоки квалификации дека е „фашизам“ позицијата на Бугарската академија оти „њама македонски език“. Односно дека е „новосоздаден јазик врз основа на регионална дијалектна норма на бугарскиот јазик“. „Освен краткотрајното признавање од 1946 до 1948 година, никогаш Бугарите навистина не го признале македонскиот јазик. Сегашниот однос на нивната академија по ова прашање е враќање во 1930-ти и рани 1940-ти години, значи во времето на фашизмот, кога велеа дека нема македонски јазик, однос тој бил бугарски.“ – ќе нагласи Фридман во едно интервју таа година за за „Гласот на Америка“.

Кажано со речникот на американскиот лингвист, дали е „фашизам“ само бугарското одрекување на македонскиот јазик, или е во „пакет“ со него грчкото негирање?

(продолжува)

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Крива Паланка бара државна помош: Општината нема капацитет сама да се справи со кравите

Општинскиот кризен штаб алармира дека над 1.000 грла добиток се движат низ центарот и уништуваат имоти, по што градоначалникот Сашко Митовски побара итна владина интервенција

Мицкоски: Правосудниот испит не може да биде само на албански јазик

Делот од правосудниот испит што опфаќа симулација на судска постапка – во рамките на кривичен или граѓански предмет – мора да се спроведува на *lingua franca*, односно на македонскиот јазик“, објасни премиерот

Палмер: Жално е што Бугарија е во позиција да го блокира Скопје за ЕУ

Билатералните спорови не треба да го попречуваат пристапниот процес и очекува поактивна улога од Брисел и од клучните земји членки, вели поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер

Богојески пак ја шокира јавноста: „Хистерични кучкарки“, „комунистичка левичарска багра“ и „левичарска булумента“ (ВИДЕО)

На своите политички и идеолошки противници им ја припишува одговорноста за порастот на убиствата на жени, а тие кои протестираа ги обвини дека заработуваат од странски фондации и амбасади

Памер: Вториот протокол не е дел од Преговарачката рамка за Македонија (ВИДЕО)

Бугарија може да биде опомената од земјите членки на Европската Унија доколку се обиде да го користи Вториот протокол меѓу Скопје и Софија од јули 2022 година како услов за земјава за продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи тој не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ

To top