Македонија

Палмер: Жално е што Бугарија е во позиција да го блокира Скопје за ЕУ

Билатералните спорови не треба да го попречуваат пристапниот процес и очекува поактивна улога од Брисел и од клучните земји членки, вели поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер

Македонија направила сè што Европската унија побарала од неа за напредок кон членството, а бугарската блокада создава лош преседан за целиот регион, оцени поранешниот специјален претставник на САД за Западен Балкан, Метју Палмер во интервју за МРТ.

Тој смета дека билатералните спорови не треба да го попречуваат пристапниот процес и очекува поактивна улога од Брисел и од клучните земји членки.

„Она што можам да го кажам е дека Македонија направи сè што Европската унија побара од неа за да напредува кон членството. Сметам дека е крајно жално што Бугарија е во позиција да го блокира тој процес за Скопје. Тоа создава лош преседан за регионот“, изјави Палмер за МРТ.

Според него, последиците од блокадата се чувствуваат и кај другите земји кандидати, кои го следат македонското искуство и се прашуваат со какви дополнителни услови би можеле да се соочат.

„Белград го следи искуството на Скопје и се прашува што би можеле да побараат Загреб или Букурешт во пристапниот процес. Тоа ги обесхрабрува земјите кандидати да ги спроведат неопходните реформи“, предупреди тој.

Палмер изрази надеж дека Бугарија ќе покаже воздржаност, а Европската унија ќе инсистира билатералните прашања да не го оптоваруваат проширувањето.

Тој рече дека САД  направиле се’ сè што можеле да ја отстранат блокадата.

„Тоа не е едноставен процес, но верувам дека Софија на крајот ќе сфати дека во интерес на Бугарија е  Македонија да биде нејзин европски партнер“, рече Палмер.

Тој очекува САД да продолжат да ги поддржуваат двете страни, но нагласи дека е потребен и поголем ангажман од европските институции и престолнини.

Според Палмер, земјите кандидати треба да се оценуваат врз основа на реформите, наместо според историски и идентитетски прашања. Сепак, посочи дека ЕУ во практика тешко може да наметне таков пристап без активна поддршка од влијателните членки.

„Затоа клучните земји членки мора да помогнат процесот да биде праведен, транспарентен и во интерес на сите засегнати страни. Тука мислам на Франција, Германија и Италија, кои треба да преземаат проактивна улога и да го заштитат интегритетот на процесот“, порача тој.

Палмер не предложи конкретен модел за договор меѓу Скопје и Софија, но оцени дека постојат повеќе можни пристапи и простор за „креативна дипломатија“. Таков ангажман очекува од двете земји, од Брисел, од клучните европски престолнини и од Вашингтон.

Најнови вести од: Македонија

Богојески пак ја шокира јавноста: „Хистерични кучкарки“, „комунистичка левичарска багра“ и „левичарска булумента“ (ВИДЕО)

На своите политички и идеолошки противници им ја припишува одговорноста за порастот на убиствата на жени, а тие кои протестираа ги обвини дека заработуваат од странски фондации и амбасади

Памер: Вториот протокол не е дел од Преговарачката рамка за Македонија (ВИДЕО)

Бугарија може да биде опомената од земјите членки на Европската Унија доколку се обиде да го користи Вториот протокол меѓу Скопје и Софија од јули 2022 година како услов за земјава за продолжување на нејзиниот евроинтегративен пат, бидејќи тој не е дел од Преговарачката рамка со ЕУ

To top