На седницата на Судскиот совет одржана вчера на 11.11.2026 година судијата Субхи Јакупи е избран за нов Претседател на Управен суд.
Но тоа не го спречува разрешениот претседател Бурим Сејдини да изготви рачно изготвени списоци на стотици предмети кои што се распределуваат на судиите кои што тој ги одбрал да постапуваат по одредени предмети.
Во Судот врие затоа што вработените се уверени дека распределбата што ја врши веќе бившиот претседател е заради контрола на одредени предмети кои што треба да ги решаваат подобни или корумпирани судии.
Формално потегот на Сејдини е затскриено под форма на измена на годишен распоред за работа на Управниот суд за 2026 година.
Од извори во судот expres.mk дознава дека тоа е најдрастично кршење на процесот на распределување предмети по судии без да се изврши автоматска распределба преку АКМИС системот туку исклучиво по желба на бившиот претседател.
Судии поднеле приговор против “распоредот” кој што Судскиот совет го препратил до Врховен суд, но поранешниот претседател со цел да го надмудри и претекне Врховниот суд мобилизирал дел од вработените итно да ги прераспределат физички предметите кај судиите.
Во 2023 година токму од вработени во судот беше поднесена анонимна пријава до јавното обвинителство со обвинување за злоупотреба на АКМИС системот која цели две години подоцна беше отфрлена заради немање докази.
Ако тогаш немало докази сега е доволно Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал по допрен глас да влезе во судот и да утврди на лице место како се злоупотребува АКМИС-от и се врши рачна распределба по списоци рачно изготвени од поранешен претседател.
Доколку ОЈО ГОК уште вечерва влезе во Управниот суд може да добие интересни податоци кои предмети се од интерес да се работат од точно одредени судии и поради кои мотиви, велат извори од судот кои зборуваат за ,,бомбона бизниси” вредни милиони кои се одвиваат зад рачната распределба на предмети.