Бизнис

„Макпетрол“ со 17,83 милијарди денари приходи и 475 милиони денари добивка во првото полугодие

На годишното собрание на акционери во мај 2026 година е донесена и одлука за исплата на дивиденда за 2025 година во вкупен бруто-износ од 467,3 милиони денари, односно 4.620 денари бруто по акција, со рок за исплата најдоцна до 30 септември 2026 година.

„Макпетрол“ АД Скопје во првите шест месеци од 2026 година оствари значителен раст на приходите и позитивен финансиски резултат, и покрај сложените услови на енергетскиот пазар и зголемените трошоци, според податоците на Македонска берза. Според консолидираните податоци, вкупните приходи на Групацијата достигнале 17,83 милијарди денари, што е раст од 22,96 отсто во споредба со истиот период лани, кога изнесувале 14,5 милијарди денари.

Приходите од продажба изнесуваат 17,6 милијарди денари, а најголем дел од нив се реализирани на домашниот пазар. Компанијата бележи раст и во малопродажбата и во големопродажниот сегмент, при што приходите од продажба на мало се зголемени за 17,4 отсто, додека големопродажбата бележи раст од 58,59 отсто, главно поради поголемата продажба на млазно гориво. Количествениот промет со нафтени деривати на бензинските станици е зголемен за 1,16 отсто, додека продажбата на дополнителниот асортиман на малопродажните објекти пораснала за 13,7 отсто.

Од друга страна, зголемените приходи биле проследени и со повисоки расходи. Вкупните консолидирани расходи достигнале 17,35 милијарди денари, што претставува раст од 23,47 отсто. Најголем дел од зголемувањето се должи на повисоката набавна вредност на трговските стоки, која пораснала за 26,26 отсто.

И покрај притисокот од повисоките набавни цени, „Макпетрол“ во првото полугодие остварил добивка пред оданочување од 475,1 милиони денари, што е за 6,83 отсто повеќе во споредба со 444,7 милиони денари во истиот период од 2025 година. Од компанијата посочуваат дека резултатите се постигнати во услови на голема нестабилност на светскиот енергетски пазар, особено по растот на цените на нафтените деривати и нарушувањата поврзани со геополитичките случувања.

Во првата половина од годината „Макпетрол“ продолжил и со инвестицискиот циклус. Матичната компанија вложила над 156,5 милиони денари во реконструкција и изградба на нови малопродажни и големопродажни објекти. Финансиската позиција, според објавените податоци, останала стабилна. На крајот на јуни Групацијата немала доспеани, а ненамирени обврски по основ на кредити, добавувачи, јавни давачки или плати. Воедно, во периодот не користела краткорочни револвинг кредити.

На годишното собрание на акционери во мај 2026 година е донесена и одлука за исплата на дивиденда за 2025 година во вкупен бруто-износ од 467,3 милиони денари, односно 4.620 денари бруто по акција, со рок за исплата најдоцна до 30 септември 2026 година. За второто полугодие компанијата очекува стабилизирање на енергетскиот пазар и продолжување на планираните активности, со фокус на продажбата, оптимизацијата на трошоците и одржувањето на стабилната финансиска позиција.

Најнови вести од: Бизнис

Од 2027 нова обврска пред патување во Шенген зоната – се воведува системот за одобрување на патување

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во писмо испратено до земјите членки пред октомврискиот состанок на Европскиот совет најавила дека ETIAS се очекува да биде активиран следната година.

HELLENiQ ENERGY инвестира над милијарда евра во обновливи извори и складирање енергија во Романија

HELLENiQ ENERGY ја забрзува својата регионална експанзија со планирани инвестиции од над една милијарда евра во Романија до 2030 година, насочени кон развој на обновливи извори и системи за складирање енергија. Со целно портфолио од 1,3 GW, Романија станува вториот најзначаен пазар за раст на компанијата, по Грција.

Мисијата на ММФ во посета на Народна банка

Посетата е дел активностите на ММФ со земјите членки и претставува можност за размена на мислења и разгледување на состојбите во економијата и финансискиот систем, спроведувањето на економските политики и предизвиците во претстојниот период.

Компаниите што исплаќале плати преку „АЛТА банка“ ќе можат да ја вршат исплата

Народната банка внимателно ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и продолжува со приспособување на мерките, имајќи ги предвид условите за работење на Банката и потребите на нејзините клиенти.

(Фото): Одржана надзорна расправа во Собранието за воведувањето на администрација во „Алта банка“

„Алта банка“ АД Битола има здрава финансиска позиција, висока ликвидност и квалитетно кредитно портфолио, со нефункционални пласмани под 3%. Воведувањето администрација не е последица на проблеми во работењето на домашната банка, туку произлегува од одземањето на дозволата за работа на нејзиниот доминантен акционер, Алта банка Белград, којашто поседуваше 95,3% од акциите. Ова беше истакнато на […]

To top