Бизнис

Народна банка ја зголеми основната каматна стапка на 4,25% поради инфлациските ризици

Гувернерот Трајко Славески оценува дека е подобро да има повисоки камати за кредитите отколку зголемување на инфлацијата. Во врска со најавите за зголемени провизии од три големи и една помала банка, Славески вели дека Народната банка не гледа причина за зголемувањето

Народна банка ја зголеми основната каматна стапка за 0,25 процентни поенти. Така, новата камата е 4,25, место досегашните 4 проценти. Оваа камата е сигнал до банките за да и тие ги зголемат каматите. Но, како што вели гувернерот Трајко Славески, деловната одлука е во рацете на комерцијалните банки, а и самиот одговор доаѓа со задоцнување. Одлуката се заснова на најновите податоци и информации и согледувањата за ефектите врз домашната економија од светските случувања. Во однос на сегментите коишто се клучни за монетарната политика, од почетокот на годината беше забележана поголема побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, што услови поголемо присуство на Народната банка на девизниот пазар.

Од почетокот на мај се бележи стабилизација на побарувачката на девизи, а најновите информации носат поголема извесност за скоро смирување на конфликтот на Блискиот Исток. Сепак, економските последици од геополитичките случувања се присутни, а неизвесноста околу темпото на целосната стабилизација на тековите и понатаму создава ризици. Опстојуваат и притисоците врз инфлацијата. Имено, во мај годишната стапка на инфлација забави во согласност со очекувањата, но таа и натаму е на повисоко ниво и укажува на продолжена инфлација и побавно враќање кон историскиот просек.

Истовремено, и дел од домашните фактори коишто влијаат врз побарувачката и инфлацијата уште повеќе ја нагласуваат потребата од претпазливост при водењето на монетарната политика. Во такви услови, беше оценето дека умереното затегнување на монетарната политика, заедно со досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки, ќе придонесат за одржување на стабилноста на девизниот курс, за стабилизирање на инфлацијата и за зацврстување на инфлациските очекувања, а соодветно ќе влијаат и врз кредитните услови во економијата. Како резултат на засилените инфлациски притисоци во еврозоната, на последниот состанок на ЕЦБ каматните стапки беа зголемени за 0,25 п.п., што претставува дополнителен фактор што се зема предвид при носењето на домашните монетарни одлуки.

Во однос на најновите податоци за главните макроекономски показатели, на крајот на мај, девизните резерви изнесуваат 5.209,7 милиони евра и се во сигурната зона, а нивната промена засега е во согласност со проекциите за вториот квартал. Во текот на мај девизниот пазар беше стабилен, без интервенции од страна на Народната банка за надоместување на потребите за девизна ликвидност на економските субјекти. Во мај 2026 година, годишната стапка на инфлација забави сведувајќи се на 4,8%, од 5,7% во април, главно под влијание на поумерениот раст на цените на храната, што се должи на повисоката споредбена основа од истиот период минатата година.

Сепак, тековните показатели упатуваат на засилени инфлациски притисоци кај енергетската компонента, што создава ризици за пренесување на ефектите и врз останатите цени во економијата. Ова делумно е видливо преку засилениот раст на базичната компонента на инфлацијата. Најновите проекции за увозните цени упатуваат на повисока странска инфлација и умерено нагорно ревидирани цени на енергентите и на дел од прехранбените производи, во услови на одолжена неизвесност. Иако очекувањата на потрошувачите за растот на цените во следниот период се малку поумерени во споредба со претходниот месец, ризиците за инфлацијата претежно се во нагорна насока.

Домашната економија и натаму покажува отпорност во услови на неизвесно надворешно окружување. Во првиот квартал од 2026 година, реалниот раст на БДП изнесуваше 3,1%, што е блиску до очекувањата од последниот циклус проекции. Расположливите високофреквентни показатели за вториот квартал сѐ уште не овозможуваат попрецизни согледувања, но априлските податоци упатуваат на раст на индустриското производство и послаби остварувања кај прометот во трговијата. Во монетарниот сектор, согласно првичните податоци за мај, растот на депозитите е во рамките на проектираниот, но динамиката на раст на кредитната активност и натаму е над очекувањата и влијае врз домашната побарувачка.

Народната банка останува цврсто посветена на одржувањето на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото, како основен предуслов за обезбедување ценовна стабилност на среден рок. За таа цел, ќе продолжи со внимателно следење на домашните и меѓународните економски и финансиски движења, ќе ги оценува нивните ефекти врз девизниот пазар и инфлацијата и е подготвена да ги употреби сите расположливи инструменти за зачувување на макроекономската и финансиската стабилност.

Најнови вести од: Бизнис

4iG IT склучи договор со владата на Црна Гора вреден 54 милиони евра за модернизација на безбедносните служби и граничната полиција

Ова е првиот договор на 4iG Групацијата за обезбедување ИТ услуги за странска влада, со кој компанијата го проширува своето меѓународно присуство преку испорака на современи технолошки решенија и интегрирани информациски системи

(Видео): Работоспособно население не значи автоматски и продуктивно

Со зголемувањето на квотата за странски работници е надминат и недостигот од околу 670 работници во стопанството, велат од Владата и сметаат дека до 2030 година земјава треба да достигне квота од 50 000 странски работници годишно.

МБА: Се ближи примената на новите стандарди во националниот платен промет – новините не значат промена на постојните платежни сметки

МБА ги охрабрува граѓаните и компаниите навремено да ги следат известувањата и практичните упатства што ќе ги објавуваат нивните банки во однос на новите платни налози, користењето на ИБАН и другите промени поврзани со примената на новите стандарди.

Народна банка со зајакнати статистички и аналитички капацитети

Народната банка останува посветена на натамошното унапредување на статистичките податоци, нивната транспарентност и навременост, како и на целосно усогласување со меѓународните и европските стандарди.

Европа брза да отвора рудници за критични минерали додека „Иловица“ никако да тргне

ЕК заклучува дека Унијата не може, ниту пак има за цел, дома да ги произведува сите суровини што ѝ се потребни – „увозот и понатаму ќе претставува важен дел од снабдувањето на Европа“. Според нив, целта е да се зголемат европските капацитети, да се диверзифицираат изворите на снабдување и да се намали прекумерната зависност од поединечни добавувачи.

To top