Продолжениот период на облачно време и слаби ветрови низ Европа значително го намалува производството на електрична енергија од сонце и ветер, што директно влијае врз растот на цените на струјата на европските пазари.
Според извештајот на „Еуроњуз“, континентот се соочува со појавата позната како „дункелфлауте“ – период во кој истовремено опаѓа производството од двете клучни обновливи извори.
Ваквите услови најчесто се јавуваат меѓу октомври и февруари, кога потрошувачката дополнително расте поради греењето.
Последиците веќе се видливи во Германија, каде што цените на пазарот за следниот ден на 29 октомври ја надминаа границата од 300 евра за мегават-час, што е приближно двојно повеќе од октомврискиот просек. Во вечерните часови тие достигнаа и над 500 евра за мегават-час.
Проблемот е особено изразен во земјите што во последните години силно го зголемија соларниот капацитет. Во јуни годинава соларните електрани покриваа 25,4 отсто од вкупното производство на електрична енергија во Европската Унија, додека во октомври нивното учество се намали на 13,2 отсто.
Кога обновливите извори недоволно произведуваат, системите се потпираат на други капацитети, вклучувајќи ги и електраните на природен гас, што дополнително ги зголемува трошоците.
И покрај сезонските ограничувања, соларната енергија и натаму има значајна економска улога. Од почетокот на војната со Иран во февруари, производството од сонцето ѝ заштедило на Европската Унија околу 42,9 милијарди евра за увоз на природен гас.
Со наближувањето на зимата, пократките денови, облачноста и слабите ветрови претставуваат дополнителен предизвик токму во период кога побарувачката за струја расте.