Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во Истанбул ја прими престижната меѓународна награда „Liability Management Deal of the Year“ за 2026 година.
Успешното управување со јавниот долг преку издавањето на десеттата еврообврзница и предвремениот откуп на дел од постојната еврообврзница, со што е остварена буџетска заштеда од 3,2 милиони евра, е објаснувањето за наградата врачена во рамки на регионалниот настан „Global Banking & Markets: CEE, Central Asia & Türkiye 2026“.
„Ова признание е потврда за одговорниот и стратешки пристап во управувањето со јавниот долг. Во услови на зголемена глобална макроекономска и геополитичка неизвесност, обезбедивме исклучително поволни каматни стапки, порамномерно распоредување на доспевањата и намалување на ризиците од рефинансирање. Особено е важно што преку внимателно структурирање на трансакцијата обезбедивме конкретна буџетска заштеда од 3,2 милиони евра. Силниот интерес на меѓународните инвеститори е дополнителна потврда за довербата во економските политики што ги спроведуваме“, истакна министерката Димитриеска-Кочоска.
Наградата претставува меѓународно признание за квалитетот на трансакцијата, поволните услови на финансирање и стратешкиот пристап на Министерството за финансии во управувањето со должничкото портфолио. Министерството во јануари годинава успешно го реализираше издавањето на десеттата еврообврзница, а во процесот учествуваа над 150 глобални инвеститори, меѓу кои водечки пензиски фондови, реномирани осигурителни компании и други институционални инвеститори од САД, Велика Британија, Германија и други земји од Европската Унија.
Наградите Global Banking & Markets се востановени во 2014 година и се доделуваат врз основа на оценка на големината, структурата, роковите, условите на финансирање и квалитетот на реализацијата на финансиските трансакции на меѓународните пазари на капитал.