Основното јавно обвинителство Свети Николе поднесе обвинение против 21-годишник за нанесување телесна повреда при семејно насилство, како и за противправно лишување од слобода.
Кривичноправниот настан се случувал на 19 и 20 февруари во куќа во Свети Николе, во која двајцата живееле во семејна заедница.
Насилникот, според наводите во обвинението, прво ја навредувал, а потоа почнал да ја удира жртвата со тупаници. Таа се онесвестила од ударите, па ја однел во бањата каде што ја освестил со ладна вода и повторно почнал да ја удира и да ја влече за коса, нанесувајќи ѝ повеќе телесни повреди по главата и телото.
Кога оштетената се обидела да избега, обвинетиот ѝ го одзел мобилниот телефон и ја заклучил во спалната соба, каде што ја држел околу 15 часа спротивно на нејзината волја.
Јавниот обвинител, заедно со обвинението, поднел и предлог за определување мерка притвор за обвинетиот.
Во меѓувреме, се вршат дополнителни проверки во однос на наводи и сомненија за други злоупотреби од страна на истото лице кон оштетената, кои произлегуваат од нејзиниот исказ даден пред јавниот обвинител.