Пишува: Свето Тоевски
Во пребогатиот книжевен опус, редок по својата оригиналност, Јаневски го одразуваше карактерот на македонскиот народ, го исцртуваше неговиот човечки, етички и духовен портрет. Во овој контекст со своите моќни книжевни зборови Јаневски се претставуваше себеси и како своевиден национален трибун, кој во своите романи ја вткаја својата позната историска иронија кон времињата и епохите, што ги изврвевме како македонски народ. Јаневски говореше во своите дела со многу тага, со придушен бол, но и со многу хумор и подбив кон сето она, што го навјасуваше и го измачуваше Македонецот под небесниов свод во историските епохи, кои изминаа.
Перото на Славко Јаневски го пронајде патот и до срцата на возрасните и до срцата на децата. Децата го паметат по книгите „Шеќерна приказна“ , „Црни и жолти“ , „Пупи паф, карамба-барамба“. „Десетте тома ‘Кукулино’ на Славко Јаневски израснаа во монументална Македонска фреско-композиција и книжевно сведоштво за нашиот историски пат до себеси.“ – има кажано, исто така, академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.
Биографија
Славко Јаневски е македонски поет, раскажувач, романсиер, сценарист, сликар. Роден е во Скопје на 11 јануари 1920 година. Почина во Скопје 2000 година. Беше член на МАНУ од 1967 година, претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Во 1947 година Славко Јаневски, заедно со Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле, го формираа во Скопје Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броеше 7 члена. Потоа Јаневски беше и претседател на Друштвото.
Како плодотворен писател, Славко Јаневски соработуваше со Панде Ташковски на филмската адаптација на подоцнежниот епски воен роман „”Доследни на заветот“ пренасловен во “Македонскиот дел од пеколот” во режија на Ватрослав Мимица од Загреб; и ја адаптира сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“ во режија на Кирил Ценевски. И по смртта Славко Јаневски не престана да ги пишува своите книги. Само четириесет дена по неговата смрт беше промовиран неговиот последен роман „Депонија“ што самиот не дочека да го види отпечатен. Една година по неговата смрт, беше промовирана неговата последна книга раскази „И петто годишно време“, а потоа и збирката поезија „Измислена тврдина“.
Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои се: Наградата АВНОЈ (1968); Наградата 11 Октомври; потоа на СВП; 13 Ноември, награда на градот Скопје; Рациново признание, Браќа Миладиновци… Добитник е на две Златни арени за сценарио, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и “Македонскиот дел од пеколот” (1974) на филмскиот фестивал во Пула. , за книжевен опус на ИРО „Мисла“, „Кочо Рацин“, „Македонско слово“.