Колумни

Свето Тоевски: Македонија не би требало да прифаќа по налог на ЕК третман како безначајна „геоополитичка трева“, која би ја газеле „слоновите“ додека се тепаат меѓу себе

Не соодветствува со автентичните државно-национални интереси на Македонија и на нејзините граѓани најновата позиција, која ја изнесе еврокомесарката за проширување на ЕУ Марта Кос, дека „земјите-кандидатки мора да направат геополитички избор на која страна се пред да влезат во ЕУ“. Спроведувањето на овој став дополнително би ја  усложнил ионака сложената ситуација, во која се наоѓа Македонија веќе изложена на сериозни критики во најновиот извештај на Европската комисија дека „не искажува резултати во реформите“ и оти „запаѓа во застој“.

Пишува: Свето Тоевски

ЕУ е во судир со Трампова Америка, во длабоки несогласувања, ако не и судир и со редица свои членки, пред со со Унгарија. Брисел ја засилува и својата воинствена политика кон Русија, спроведувајќи заедно со НАТО сѐ посериозни подготовки за можен воен судир со Русија. ЕУ се соочува и со растечки отпори од државите од така наречената „Вишеградска група“: Полска, Словачка, Чешка и Унгарија околу низа аспекти од функционирањето на Унијата. Ставот дека ќе мора и Македонија како држава-кандидатка за евроинтегрирање, да заземе страна во сите споменати судири и спротивставувања на нејзината надворешна, политичка и друга политика, со кои се соочува ЕУ, би значело дека би морала Македонија да ѝ го сврти грбот на Трампова Америка, со која има договор за стратегиско партнерство. Би морала Македонија да застане на страната на ЕУ и да влезе ако не во судир, тогаш во длабоки несогласувања и со Унгарија на Виктор Орбан, со која има, исто така, договор за стратегиско партнерство.  

Според авторот на овие редови, контрапродуктивна би била и принудата да започне Македонија започне да споделува исто таква агресивна и воинствена политика кон Русија, каква што води и официјален Брисел. Зошто? Ниту е пожелно, од геополитички причини, „затрчување“ кон официјална Москва и Путин, но ниту би било препорачливо и Македонија да ѝ „покажува заби“ на оваа, сепак, светска политичка, економска и воена сила. Што има против Брисел со Москва нека си расчистува самиот, а нека ја остави Македонија намира.

Во мера која ќе биде реалполитички најмногу можна Република Македонија ќе треба  „тивко“ да задржува релативно неутрална позиција на еквидистанца (еднаква оддалеченост) и да води политика на невлегување во судири и длабоки недоразбирања, одбегнувајќи „слепа послушност“ кон Брисел. Би било потребно Македонија да се истава настрана од европските диктати да си создава непотребно противници и непријатели. Кога се тепаат слоновите во џунглата, најпрво страда тревата, која ја газат слоновите, биејќи се меѓу себе. Она што го кажа Марта Кос во интервјуто за „Еуроњуз“, применето во случајот на Македонија, би значело дека македонската држава би морала да прифати третман и судбина на безначајна „геополитичка трева“, која би ја изгазиле „слоновите“ – и ЕУ и Русија и САД и многуте досегашни европски и светски држави, со кои имаме колку толку и какви такви поволни меѓудржавни односи и соработка.  

Многу говори за третманот кон Македонија од страна на Европската комисија и нејзината комесарка за проширување Марта Кос и самото интервју, дадено за „Еуроњуз“: во него Кос ги наведува сите кандидатки за проширување, сите од Западниот Балкан, а за Македонија таа не ја кажува ниту буквата „М“. Македонија веќе споделува стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на Европската Унија, но тоа не треба да значи и газење на сопствените изворни државни политички, економски, безбедносни и други интереси. 

Што и да зборува Марта Кос, премиерот Виктор Орбан во директните контакти со моќниот американски лидер Доналд Трамп веќе ги обезбедува економските и енергетски интереси на неговата Унгарија и на Унгарците. Неговата држава е и членка на ЕУ и членка на НАТО, па пак води внимание за своите државно-национални интереси. Се разбира, Македонија не е ни оддалеку тоа што е Унгарија во овој момент, но сепак, заради некаква сѐ повеќе маглива европерспектива, во името на влегување на ЕУ, кое е обусловено со мал милион услови, уцени и ултиматуми, Македонија треба да пројави „тивка воздржаност“ кон позицијата, која ја изнесе Марта Кос во интервјуто за „Еуроњуз“. Ниту контрапродуктивно контрирање на ЕУ, ниту непотребно влегување во судири и нови недоразбирања, па и губења пријатели и поддржувачи, кои допрва ќе ни требаат во времето кое доаѓа.

Македонија мора да си продолжи позасилено пред се со внатрешните реформи во правосудството, во економијата и другите општествени сфери, за да се тргне од „нишанот“ на ЕУ, која непринципиелно ја става „на експресна лента“ Украина за зачленување, иако е во состојба на војна, а Македонија ја остава 20-та година по ред да чмае во „еврочекалницата“.  Тоа не е ниту прифатливо, ниту коректно. Тоа е во целосна спротивставеност и со Копенхагенските принципи за проширување на ЕУ.

(Авторот изнесува во оваа анализа согледувања од сопствена политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

Најнови вести од: Колумни

Седум години од „преспанските“ амандмани“ за бришењето на името Македонија, што не успеал никој трајно да го стори, па ниту Грците!

Кога-тогаш ќе дојде времето кога ќе може и кога ќе мора да бидат разурнати и „преспанската пештера“ и „санстефанската пештера“, во кои се фрлени во пранги Македонија и македонскиот идентитет. Тие „пештери“, Македонците мора да ги разурнат и да се разгрне небото, за да блесне на него шеснаесеткракото македонско сонце од Кутлеш, сонцето на македонизмот! Како што во Уставот пред седум години се избришало името Македонија, така ќе треба во време соодветно, во време политички оптимално и од домашен и од меѓународен аспект, да бидат вратени назад името Македонија и придавката „македонски“ во тој највисок правно-политички акт на македонската држава.

Делото на Славко Јаневски како потресно книжевно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина

Денес се навршуваат 106 години од раѓањето на Славко Јаневски, основоположник на македонската современа литература и автор на првиот роман на македонски јазик – „Село зад седумте јасени“, објавен во 1952 година. Славко Јаневски ѝ припаѓа на првата генерација македонски писатели по војната. Од рана возраст почна да се занимава со литература и сликарство. Овој трагач и истражувач по македонската вистина по шест децении неуморно творештво остави зад себе 15 романи, 11 книги поезија, 6 книги раскази, 8 книги за деца и голем број непубликувани во посебни книги препеви, книжевни и политички есеи и полемики, односно повеќе од 40 книги оригинално книжевно творештво. Јаневски е автор на знаменитата песна „Цветови“ во чест на 12-те млади Македонци, стрелани и масакрирани на 16.6.1943 од бугарската војска кај Ваташа. „Цветови“ останува трајно врежана во македонската национална колективна меморија како моќен поетски симбол на македонската младост и борбата на македонскиот народ за слобода. „Неговото дело беше и остана видовито, пророчко и, истовремено, потресно литературно сведоштво за морничавата игра со македонската национална судбина. Славко Јаневски со своите книги и денес стои како жива стража на духот на оваа земја, како пророк на една неизвесна иднина, во која влегува човечкиот род, како книжевен волшебник, кој ни остави дело, што ја вознесува во големиот свет на светската книжевност литературата на една мала земја, која често сама и осамена, но упорно се пробива со својот дух и творештво на големиот светски мегдан.“ – има кажано академик Георги Старделов во своите сеќавања за Славко Јаневски.

Симон Дракул: Македонија е убавина, што боли, таа е бол, на која сме сме ѝ должни!

На денешен ден се навршуваат 27 години од смртта на Симон Дракул, знаменитиот македонски раскажувач, романсиер, драмски автор,историчар, на човекот, кој нѐ потсетуваше во своите дела и филмски сценарија на историските и судбински премрежја, низ кои од искона минувала расчеречена и страдална Македонија, како наша непрестајна болка, на која ќе ѝ бидеме секогаш должни со своите дела да ја штитиме и да се бориме за неа. На своето родно Лазарополе, но и на својата татковина, овој патриот и книжевен и историски деец за вистината за Македонија им го остави записот, кој е и своевидно прозно завештание, оставено на сите нам, секогаш да го исполнуваме својот индивидуален, личен долг кон татковината и македонската кауза: „Утро во Лазарополе! Тоа е Македонија. Тоа е таа убавина,што боли. Тоа е таа бол, на која сме ѝ должни!“

Ова се опасни времиња – да ги збиеме редовите

Противник сум на параноја и гледање опасност од сите страни, ама во исто време сигурен сум дека не смееме да се однесуваме индиферентно и да се залажуваме со илузии дека сме премногу мали и неважни па со самото тоа и безбедни во вртлогот на промените кои се случуваат на светската сцена

Војдан Чернодрински: Никогаш да не се заборави македонскиот јазик на нашите прадедовци и на кој ќе зборуваат и сите идни поколенија во Македонија!

Македонскиот драматург Војдан Чернодрински среде Софија пред 125 години ја изведе „Македонска крвава свадба“, својата прва драма на македонски јазик, за кој денес таа иста Софија вели дека „не постои“, или дека „е достапен јазик“, или го прикажува со брутални фалсификати како да е „дијалект на бугарскиот јазик“! Премиерно изведена во главниот град на Бугарија во 1900 година, „Македонска крвава свадба“ стана симбол на македонската борба за национална афирмација и културна самобитност на македонскиот народ, но и трајно сведоштво за постоењето и творечките дострели на македонскиот јазик. Војдан Георгиев Чернодрински е првиот македонски драмски автор, во чии дела прозвучува македонскиот јазик. Неговата заложба за почитување на македонскиот јазик ја практикувал и во неговата театарска група.  Сите негови драмски дела обработуваат теми и проблеми од секојдневниот живот на Македонците и борбата за слобода. Со своите патриотски ставови за македонскиот јазик и идентитет здобил големи симпатии кај македонскиот народ. Денес се навршуваат 75 години од смртта на Војдан Поп Георгиев Чернодрински, кој се вложи себеси и своето творештво во служба на македонската кауза, на македонскиот јазик и идентитет.  

To top