Пишува: Свето Тоевски
Колку Теодосиј Гологанов се „борел за Бугарската црква“ покажува и писмото, кое го упатил до папата Лав 13 во Ватикан на 4 декември 1891 година, со молба и барање за прием во „крилото на Римокатоличката црква“. Во тоа писмо Гологанов нагласува: „Јас, долупотпишаниот Митрополит скопски Теодосиј, по Милоста Божја киријарх на Скопската епархија, ја поднесувам оваа своја молба од свое име и од името на православната паства од Македонија, со која ја молиме Неговата Светост да нè прими во крилото на Римокатоличката црква, откако ќе ни ја обнови стародревната Охридска архиепископија, незаконски укината од султанот Мустафа III во 1767 година и ќе ја стави во канонско единство со Римокатоличката црква. Нашата желба произлегува од историското право на македонскиот православен народ да се ослободи од јурисдикцијата на туѓинските цркви, Бугарската егзархија и Цариградската патријаршија, да се обедини во своја единствена православна црква и да ги добие сите белези на народ, кој има право на самостоен духовен и културно-просветен живот. Ве молиме, Ваша Светост, да ги имате предвид специфичностите на православјето, од кои православниот народ никогаш нема да се откаже: независноста во духовен поглед, богослужбата и свештеничката облека.“
Теодосиј Скопски, со основно образование се стекнува од својот татко, поп Илија, а по школувањето во ќелијното училиште во родниот крај, завршува грчка гимназија во Серес. Во 1860 година, Васил Гологанов бил испратен во манастирот „Св. Јован Претеча“ во Серско, каде се замонашува во 1862 година. Четири години по своето стапување во манастирот, од страна на митрополитот Прокопиј, Теодосиј бил ракоположен за јеромонах и поставен за игумен во 1864 година. Теодосиј Гологанов е еден од активните учесници во создавањето на самостојна македонска црква уште од 1874 година. Со доаѓањето на чело на Скопската епархија во почетокот на последното десетлетие на XIX век, владиката Теодосиј почнал активно да работи за издвојувањето на македонските епархии од составот на Егзархијата. Согледувајќи дека нема никакви услови новата црква да биде признаена во рамките на Отоманската империја и дека единствена можност што давала надеж била ставање под покровителство на оние цркви кои биле признати од Империјата, започнал соработка со Католичката црква за поминување во Унија и унијатство. Ваквите активности ќе предизвикаат остри реакции на бугарскиот егзарх, кој ќе превземе остри мерки за да се спречи овој план. Со помошта на турските власти тој го уапсил Теодосиј, кои најпрвин го спровеле во Цариград, а потоа ќе биде изолиран во Бугарија до крајот на својот живот.
Согледувајќи ги штетните влијанија на странските пропаганди во Македонија и опасноста за македонскиот национален идентитет, митрополитот Теодосиј Гологанов во своето писмо од 22. 7.1891 година до проигуменот Дионисиј ќе напише: „Ние Македонците немаме толку мака од Турците да ни е жив падишахот, колку од Грците, Бугарите и Србите, кои како орли на мрша се впуштија на оваа наша многустрадална земја и сакаат да ја расчеречат… Нашата Егзархија со својата црковна и просветна дејност тука во Македонија ја врши всушност најмизерната задача, му го одзема името на еден народ и го заменува со друго, му го одзема мајчиниот јазик и го заменува со туѓ, му ги одзема сите национални белези и ги заменува со туѓи… Турците земаат имоти и животи на рајата, но не посегнуваат по неговиот дух… А, нашата света Егзархија го убива ова другото, постојаното… Ние духовниците, по потекло Македонци, треба да се здружиме и да го покренеме нашиот народ да се разбуди, да ги отфрли туѓинските управи, да ги отфрли Патријашијата и Егзархијата, и да се обедини духовно во Охридската Црква, нивната вистинска мајка црква.“
Во Скопската епархија Теодосиј прави големи кадровски и други промени, што водат кон отцепување од Егзархијата. Во употреба го воведува македонскиот јазик, има своја печатница, сопствени печати и други документи. Има објавено повеќе книжевно-научни богословски трудови и преводи. Кога во Првата светска војна германско-бугарските војски ја завладуваат Македонија и Бугарската егзархија ја враќа својата јурисдикција, нему пак не му е дозволено митрополитското место во Скопје, туку е пратен во Ѓумурџинската епархија, во Тракија. По војната е сместен во Духовната академија во Софија, без никаква должност, каде што и умира на 1 февруари 1926 година.