Македонија

90 години од смртта на Леонхард Готхилф Мазинг, авторот на првата докторска теза за засебноста на македонскиот јазик

На денешен ден, 4 април 1936 година (пред 90 години) во Тарту, Естонија почина Леонхард Готхилф Мазинг, авторот на првата докторска теза за засебноста на македонскиот јазик

На денешен ден, 4 април 1936 година (пред 90 години) во Тарту, Естонија почина Леонхард Готхилф Мазинг, авторот на првата докторска теза за засебноста на македонскиот јазик.

Балто-германскиот лингвист Леонхард Готхилф Мазинг е роден на 21 ноември 1845 година во селото Мустел (денес Мустјала), на островот Езел (денес Саарема) во Естонија како четврт син на протестантскиот свештеник Карл Јоханес Мазинг. Се образувал во Лајпциг, Гетинген и Дорпат (Тарту).

На 27 ноември 1890 година ја одбранил докторската теза за засебноста на македонскиот јазик со посебно внимание на рефлексите ќ (tj) и џ (dj) – еден од „најатрактивен проблем“ во славистиката. Насловот на дисертацијата во оригинал гласи: „За јазичната определба на македонските Словени“ (Zur sprachlichen Beurteilung der macedonischen Slaven. I. Vertretung von tj und dj, 1890).

Следната година Мазинг издава дополнителна студија кон дисертацијата со наслов: „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти. Прилог кон нивната критика“ (Zur Laut und Akzentlehre der macedoslawischen Dialekte. Ein Beitrag zur Kritik derselben, 1891).

Леонхард Мазинг преку 45 години предавал на Дерптскиот универзитет на Катедрата за споредбена граматика на словенското наречје и одржувал курсеви по споредбено – историски граматики на индоевропските јазици, споредбена граматика на словенските наречја, црковнословенски јазик, јужнословенска дијалектика, источноевропски јазици итн.

Пресврт кој го насочува неговото внимание и интерес за македонскиот јазик се случува во Лајпциг во 1886 година при средбата со Иван А. Ѓоргов од Велес во чиј говор препознал нешто оригинално во македонските говори и тоа го поттикнало на понатамошно љубопитство. Две години подоцна, во 1888 година во Санкт Петербург (Петроград) се сретнал со уште еден Македонец, Димитар Топеничаров од Охрид.

Овие две средби го насочиле да ги прелиста веќе објавените зборници од Миладиновци, Шапкарев, Верковиќ, Драганов, Пулевски (и други) и проф. Мазинг, без резерви изјавува дека се работи за одделен словенски јазик со сопствен пат на развиток. Дисертацијата на Мазинг како пионерски труд е обогатена со своите специфични особености за македонскиот јазик и го претставува како различен од српскиот и бугарскиот, а тоа иницирало и понатамошни истражувања од други лингвисти кои го отвораат патот за македонистиката.

Со докторската теза за македонскиот јазик како и останатите свои дела Леонхард Мазинг даде поттик за развој на македонистиката уште кон крајот на XIX век. Неговите дела ги привлекле и други автори на кој им била важна историјата на Кирило-методиевата писменост, култура и етнолигвистика, додека политиката и пропагандата им била туѓа.

За Македонија/македонскиот јазик во 1890 година вели:

„Во денешниве услови кога Македонија не е независен политички субјект, за нас (лингвистите) важат нејзините етно-историски граници за дефиниција на јазикот!„

Леонхард Готхилф Мазинг починал на 4 април 1936 година и погребан е на универзитетската парцела на гробиштата Раади во Тарту кои претставуваат најголеми балто-германски гробишта во Естонија каде почиваат голем број на познати личности од науката. За жал, по Втората светска војна, во 1945 година голем број од надгробните плочи на гробиштата Раади се отстранети и неговиот гроб неможе да се лоцира.

ПРЕД 11 ГОДИНИ

Во чест на истакнатиот балто-германски лингвист Леонхард Мазинг, по повод 125 години од одбраната на дисертацијата и 170 години од неговото раѓање, на 27 ноември 2015 година во Универзитетската библиотека во Тарту беше отворена изложба посветена на животот и делото на Леонхард Готхилф Мазинг.

Иницијатор и автор на изложбата беше проф. Георги Гоце Дуртаноски од Европската христијанска академија од Летонија во соработка со Колеџот за странски јазици и славистика при универзитетот во Тарту и проф. Љубов Кисељова.

Проф. Дуртаноски селектираната архивска граѓа ја истражуваше неколку години во Државниот архив на Естонија, Универзитетската библиотека, Естонскиот литературен музеј и архивата на Естонската евангелистичка црква.

Изложбата претставува ретроспектива за животот на Леонхард Мазинг со фокус на 125 годишнината од одбраната на докторската теза за засебноста на македонскиот јазик како и неговите сестрани истражувања и необјавени записи за географијата, историјата и етнографијата на Македонија.

Со инаугуративни говори изложбата ја отворија директорката на универзитетската библиотека Лиси Лембинен, македонскиот амбасадор во Естонија Сашо Велјановски, а свои излагања за ликот и делото на Леонхард Мазинг имаа: директорката на Колеџот за странски јазици и славистика проф. Љубов Кисељова, познатиот слависти и поранешен професор по славистика на универзитетот во Тарту проф. Александар Димитриевич Дуличенко, естонскиот амбасадор за Македонија Даниел Шер, почесниот конзул на Македонија во Тарту Петер Роуз и авторот на изложбата проф. Георги Гоце Дуртаноски.

ДИСЕРТАЦИЈАТА ОД ЛЕОНХАРД МАЗИНГ КОНЕЧНО ПРЕВЕДЕНА НА МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК ВО 2022 ГОДИНА

Овој значаен труд од Леонхард Мазинг конечно, 132 години по неговата инаугурација, беше приопштен на македонски јазик од нашата сонародничка и лектор по македонски јазик Бранислава Драговиќ во 2022 година како индивидуално издание, по децениското одбивање на државните институции да го објават ова капитално дело за македонистиката.

Објавувањето на преводот од Бранислава Драговиќ под наслов „Фонетиката и акцентот на македонскословенските дијалекти“ (дополнето издание кон дисертацијата од Мазинг од 1891 година) претставува драгоцен прилог кон историјата на македонскиот јазик и значаен прирачник за македонистите во светот.

Вечна му слава на Леонхард Готхилф Мазинг кој ги отвори вратите за македонистиката во светот!

проф. д-р Георги Гоце Дуртаноски, директор на Центарот за ракописни студии и проректор на Европската христијанска академија Рига, Летонија

Извор: МИА

Најнови вести од: Македонија

Тачи: Албанските партии треба да се договорат за документ за целосна политичка и територијална автономија на Албанците во Македонија!

Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, меѓу другото, во емисијата „Дијалог“ на медиумската платформа на „Лајм“  зборуваше и за „потребата од постигнување договор меѓу албанските партии за одобрување на документот за целосна политичка и територијална автономија“.

Агатангел: ВМРО-ДПМНЕ ќе владее колку Тито, оваа Влада ја консолидира Македонија како држава и ги штити националните интереси!

Митрополитот Повардарски Агатангел изрази целосна поддршка за премиерот Христијан Мицкоски и актуелната Влада, оценувајќи дека државата е во сигурни раце, во интервју за телевизија „Алфа“, тој прогнозираше дека ВМРО-ДПМНЕ ќе остане на власт онолку долго колку што владеел Јосип Броз Тито.

Наумовски: Победата на опозицискиот претседателски кандидат во Бугарија води до предвремени парламентарни избори

-Според некои анализи, тие имаат изгубено можеби две третини од гласовите од парламентарните избори и, според мене, тоа е прв показател дека поддршката која ја имаше Радев на парламентарните избори веќе е значително намалена. Се покажува дека релативно комотната позиција која Радев ја имаше како претседател на државата е различна од состојбата која сега ја има да решава проблеми како премиер, рече Наумовски. По социјалните мрежи имаше една шега дека има низок одѕив на изборите во Бугарија затоа што сите бугарски возови заминале во Србија Ова во „Наткаст“ на „Курир“ го изјави Васко Наумовски, универзитетски професор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции.

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Најнови вести

To top