Македонија

АХВ спречила тони небезбедна храна да влезат во Македонија

Повеќе од 367 тони небезбедна храна било спречено да стигнат до трпезите на граѓаните во изминатите две години, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на одбележувањето на 15-годишнината од постоењето на институцијата и Светскиот ден на безбедноста на храната

Агенцијата за храна и ветеринарство соопшти дека во 2024 и 2025 година спречила повеќе од 367 тони небезбедна храна да завршат на македонскиот пазар.

Повеќе од 367 тони небезбедна храна било спречено да стигнат до трпезите на граѓаните во изминатите две години, соопшти директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на одбележувањето на 15-годишнината од постоењето на институцијата и Светскиот ден на безбедноста на храната.

Според Миланов, во 2024 и 2025 година биле засилени инспекциските контроли на домашното производство, прометот и увозот на храна. При контролите било спречено повеќе од 80 тони храна од неживотинско потекло и над 287 тони храна од животинско потекло да завршат на македонскиот пазар.

Дополнително, како небезбедни биле вратени 16 пратки со храна од животинско потекло на граничните премини, три пратки биле уништени, а бил забранет увозот на уште девет пратки со храна од неживотинско потекло. Уништени биле и 90 тони увезена храна што не ги исполнувала безбедносните стандарди.

„Безбедната храна не е привилегија, туку основно право на секој граѓанин. Секој мора да биде сигурен дека храната што ја купува и консумира е безбедна“, порача Миланов.

Според него, инатата година АХВ спровела повеќе од 47.200 инспекциски надзори, а за утврдените неправилности биле изречени 6.770 инспекциски мерки. Според него, овие бројки ја потврдуваат посветеноста на институцијата во контролата на целиот синџир на производство и дистрибуција на храна.

Освен безбедноста на храната, Агенцијата значително внимание посветува и на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Миланов истакна дека во континуитет се спроведуваат национални програми за превенција, контрола и искоренување на заразните болести кај животните, со цел заштита и на јавното здравје.

Посебен фокус, како што рече, е ставен и на спречување измами со храна. Сè почести се случаите на погрешно означување производи, лажно претставување на потеклото или составот на храната и други практики што можат да ги доведат потрошувачите во заблуда.

„Не ја штитиме само безбедноста на храната, туку и правото на потрошувачите да добијат точни и веродостојни информации за производите што ги купуваат“, истакна Миланов.

На настанот се обрати и вицепремиерот Љупчо Димовски, кој оцени дека безбедноста на храната денес претставува прашање на национална безбедност, особено во услови на климатски промени, појава на нови болести и нарушени синџири на снабдување.

Тој нагласи дека концептот „Едно здравје“, кој ја поврзува грижата за луѓето, животните и животната средина, станува сè поважен во современиот свет.

„Безбедната храна почнува со здрави животни, контролирано производство и ефикасен институционален надзор. Тоа е единствениот начин да се зачува довербата на граѓаните“, рече Димовски.

Според него, позитивен сигнал е и растечката свест кај компаниите и потрошувачите за важноста на стандардите за квалитет и безбедност на храната. Владата, додаде тој, останува посветена на понатамошно јакнење на капацитетите на АХВ и на институциите што се грижат за јавното здравје.

Јубилејот на Агенцијата беше искористен и како потсетување дека безбедноста на храната не се мери само преку бројот на контроли и казни, туку и преку довербата на граѓаните дека храната што секојдневно ја консумираат е безбедна, контролирана и произведена според највисоките стандарди.

Најнови вести од: Македонија

Мицкоски: Достигнат е БДП од 20 милијарди долари, целта е 22 милијарди! – Опозицијата би се радувала РМ да потоне во нивното политичко мочуриште!

Податоците на Државниот завод за статистика за конечните бројки за 2024 за растот на бруто домашниот производ и ревидираните бројки за 2025 се во нагорна линија од 3,8 отсто, со што Владата ја постгна поставената цел до крајот на мандатот номиналниот бруто домашен производ да биде 20 милијарди долари, сега цели кон 22 милијарди долари, информира денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Средба Муцунски-Клеин: Непрестаен развој на односите и одличната соработка меѓу Македонија и Унгарија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Македонија Тимчо Муцунски денеска оствари средба со новоназначениот специјален пратеник на Министерството за надворешни работи на Унгарија за Западниот Балкан, амбасадорот Андраш Клеин.

Битолчанка и Естонец измамиле стотици граѓани 

Во периодот од декември 2025 година до април 2026 година, преку мобилна апликација и со ветување за наводни добивки навеле голем број граѓани од целата држава да вложуваат финансиски средства на лажна интернет платформа

To top