
„Иако беше претставена со многу фанфари како една од ‘предводничките на новите трендови’ во тимот на Арбен Таравари, поранешната пратеничка на ДПА и членка на Централното претседателство на Алијансата за Албанците, Мерале Ферати, одлучи да се дистанцира од политичкиот пат, по кој тргна Таравари по неговото доближување кон ДУИ. Заминувањето на Ферати не е случајно, туку е дел од поширок бран на разочарување и заминувања, кои претставуваат удар врз темелите на Алијансата за Албанците. Таравари е во реална опасност да остане политички сам!“ – објави информативниот портал на албански јазик „Алфакс“.
Натаму порталот пишува: Уште откако Таравари, спротивно на волјата на неговото членство и гласачи, избра да се приближи до ДУИ, партијата доживеа распад на најважните структури во сите ограноци. Основачите, најпосветените активисти и политичките мозоци на Алијансата си заминаа еден по друг, оставајќи ја партијата во состојба на функционална парализа.
Во првата фаза заминувањето на локалните структури и основачи предизвика сериозен шок, но во втората фаза се случува она што изгледаше неможно: дури и поединци, кои порано се приклучија на Алијансата од редовите на ДПА, или ДУИ, честопати без никаков видлив придонес, сега и тие му го вртат грбот на Таравари. Дури и оние, кои беа унапредени без консултација со партиските тела и кои добија високи позиции, ја напуштаат сега Алијансата за Албанците, откако јасно дека Таравари се откажал од своите обврски кон повеќе од 107 илјади гласачи кои бараа промени, а не враќање во рацете на ДУИ.
Во меѓувреме, на хоризонтот се појави нова политичка организација, составена од поранешни пратеници на ДПА, од истата политичка линија од која доаѓа и Мерале Ферати. Се верува дека оваа организација ќе ги привлече малкуте личности, кои сè уште остануваат блиски до Таравари, оставајќи го политички осамен.
Се очекува локалните избори во октомври да бидат одлучувачки за политичката судбина на Арбен Таравари. Напуштен од неговите поранешни соработници, тој за прв пат се соочува со реалната опасност да го изгуби своето упориште во Гостивар, град што го држеше во два изборни циклуса, благодарение на поддршката од еден од најмоќните локални субјекти, поддршка што повеќе ја нема.