Македонија

Анализа: Колку пензионери добиваат, а колку губат со линеарното зголемување на пензиите?!

Каква ќе биде судбината на линеарното зголемување на пензиите во иднина, ќе зависи од оцената на уставноста на ваквата мерка од страна на Уставниот суд. Дали пак, таа одлука ќе се темели на правото или пак, ќе се потклекне под притисокот на политиката, ќе се знае набрзо.

Премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница на седницата за пратенички прашања изјави дека доколку Уставниот суд го укине линеарното зголемување оштетени ќе бидат 70 отсто од пензионерите. Од друга страна, пак, опозициската СДСМ излезе со математика дека токму линеарното зголемување на пензиите оштети околу 320 илјади пензионери. Пред зголемувањето од илјада денари во септеври СДСМ презентираше анализа во која намерата на Владата ја нарекоа „историска измама на пензионерите“. Според оваа анализа пензионерите се двојно оштетени, од една страна со зголемување кое е помало од усогласувањето, а од друга страна со тоа што се креира помала основица за секое идно усогласување.

Според тогашниот Закон за пензии, усогласувањето се базира на растот на платите и животните трошоци. Ако не се променеше законот, тврдат од опозицијата, пензиите во септември ќе се зголемеа за околу пет отсто. Тоа всушност значи дека за пензија од 25.000 денари зголемувањето ќе беше 1.250 денари, а не 1.000. Кај повисоките пензии штетата е уште поголема. На пример, за пензија од 40.000 денари, наместо 2.000 денари, пензионерите добија двојно помалку.

Па, кој доби тогаш повеќе?

Излегува дека „на свое“, или во плус, се сите оние кои имаат пензии до 20 илјади денари.

Ако се земат последните податоци за структурата на пензиите во земјава за октомври, до 19.228 денари пензија примале 26.135 лица или 7,55 отсто од вкупниот број пензионери (346.386), а од 19.229 до 22.945 денари примале уште 125.157 лица 36,13 отсто од вкупниот број пензионери. Или, за овие две категории заедно, 151.292 лица или 43,68 отсто. Тоа значи дека пресметките на премиерот не се точни.

Ако може да се каже дека пензионерите во овие две категории примања биле во плус или горе-долу на свое со линеарното зголемување на пензиите, тогаш за сите други, доколку усогласувањето е пет отсто, може да се каже дека се во минус, односно би добиле повеќе доколку во сила останеше законското решение за усогласување на пензиите според порастот на платите и на стапката на инфлација.

Веројатно истата математика ќе биде применлива и во наредниот период, односно идниот март, доколку линеарното зголемување на пензиите „ја преживее“ иницијативата на Уставен суд, бидејќи и покрај напортите за смирување на инфлацијата, последните зголемувања на цената на струјата за околу пет отсто и на парното греење за нешто повеќе, не влеваат надеж дека ќе се застане на пат на растот на цените.

Во наредната година се предвидува да бидат префрлени речиси 1,14 милијарди евра од државниот буџет кон пензискиот и здравствениот фонд. Кон ПИОМ ќе надмине 1 милијарда евра.

Првиот човек на ПИОМ, Никола Мемов, во интервју за Радио Слободна Европа деновиве изјави дека во март пензионерите ќе добијат ново линеарно покачување од 1.000 денари, а од септември ќе се врати старото процентуално усогласување. Во Буџетот за 2026 година се предвидени околу 117 милијарди денари за исплата на пензии, а предвидено е и исплата на здравствено осигурување на пензионерите.

  • „Пензионерите може да бидат спокојни дека исплата на пензии секако дека ќе биде редовна и ние ги исплаќаме пензиите редовно на први во месецот.“, изјави вели Мемов.

Вакви интервенции има и во други држави. Како што покажува една неодамнешна студија на ОЕЦД, јавните расходи за старосни пензии и надоместоци во земјите на ОЕЦД се зголемиле од 6,7% на 8,1% од БДП. Јавните расходи се највисоки во Грција и Италија, со над 16% од БДП, а најниски во Исланд и Ирска, со под 3%. Јавните пензии често се најголемата поединечна ставка на социјални расходи, со просек од 18% од вкупните владини расходи.

Македонија е една од ретките земји, ако не и единствена во Европа, каде што пензиите се зголемуваат линеарно, а не процентуално, покажуваат податоците кои може да се добијат од чет-ботовите за вештачка интелигенција. Некои од државите пензиите ги индексираат според инфлацијата, а во некои се зема предвид и порастот на платите, односно домашниот бруто-производ, како што беше и „швајцарската формула“, која се применуваше и кај нас извесен период. Во некои земји Владите носат одлуки за зголемување на пензиите, но најчесто процентуално, како на пример во Србија која од денес ги зголеми пензиите за 12,2 проценти со што просечната пензија ќе достигне околу 437 евра.

Сликата во Македонија е целосно различна – премиерот Христијан Мицкоски на нож ја дочека иницијативата во Уставниот суд за преиспитување на законските измени со кои се овозможи линеарно зголемување на пензиите, и тоа не ретроактивно за веќе исплатените 5.000 денари, туку за актуелното зголемување од илјада денари. Тоа беше исплатено со септемвриските пензии и уште толку треба да следува со мартовските идната година. Односно, во месеците кога и според претходното законско решение се вршеше усогласување на пензиите со порастот на инфлацијата и растот на просечната плата според принципот пола-пола.

Од Владата велат дека мотивот за линеарното зголемување е исправање на неправдите од транзицијата, кога многу од сегашните пензионери примаа минимални примања, или не им беше плаќан придонесот во ПИОМ.

Многу од економистите укажуваат дека пензијата не е социјална, туку економска категорија, па барањето за нејзино линеарно зголемување нема економска логика, но и креира морален хазард, односно ситуација во која и натаму се поттикнува плаќањето плата во плико, во очекување дека некоја идна влада ќе ги гаси пожарите на ваков начин. За социјалниот дел, државата е должна преку социјални пакети да обезбеди пристоен живот на сите граѓани, додаваат тие.

Каква ќе биде судбината на линеарното зголемување на пензиите во иднина, ќе зависи од оцената на уставноста на ваквата мерка од страна на Уставниот суд. Дали пак, таа одлука ќе се темели на правото или пак, ќе се потклекне под притисокот на политиката, ќе се знае набрзо.

Најнови вести од: Македонија

Да се забрани „џанк“ храна во училиштата и да се оданочат зашеќерените пијалаци, бара Клековски

Министерот ги повика граѓаните, особено оние со зголемен ризик или со семејна историја на дијабетес, да не ги игнорираат симптомите како постојан замор, зголемена жед или заматен вид и да направат превентивен преглед.

Тамара Котевска го освои „Британскиот Оскар“ за документарен филм, рамо до рамо со Херцог и Дејвид Атенборо

Македонската режисерка Тамара Котевска, двојно номинирана за ОСКАР и двојно номинирана за ЕМИ, го освои престижното Гран-при признание (за најдобар кино-документарец) на овогодинешното доделување на наградите „Гриерсон“ (Grierson British Documentary Awards) во Лондон, кои во светската кинематографија важат за британски Оскар за документарни филмови.

Се проширува достапноста на банкарските услуги за клиентите на „АЛТА банка“ – од понеделник нова експозитурата во Прилеп

Народната банка продолжува внимателно да ја следи состојбата во „АЛТА банка“ АД Битола и да презема активности за да им се овозможи на сите клиенти полесен пристап до сопствените средства и непречено извршување на платежните услуги.

Владата ги испрати Кривичниот законик и законот за кривична постапка во Брисел на мислење

Министерството за правда на Владата на Република Македонија ги достави Нацрт-кривичниот законик и Нацрт-законот за кривичната постапка до Европската комисија за мислење, со што продолжува процесот на сеопфатна реформа на казненото законодавство и негово усогласување со европските стандарди.

Претседателот на Уставниот суд на РМ Костадиновски за политичките притисоци: Не смее да ја диктираат правдата

Наша должност е да им одолееме на политичките притисоци и да ја држиме политиката во рамките на правото – порача денеска во Охрид претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски. Тој оцени дека Уставниот суд е единствената институција што треба да обезбеди политиката и државните органи да ги почитуваат уставните и законските рамки.

To top