Македонија

Антимонот од Крива Паланка ќе донесе милиони

Македонскиот антимон го привлече светското внимание уште кон крајот на минатата година, кога за овој наш ресурс пишуваше Центарот за енергенси и материјали на Светскиот економски форум

Властите започнаа сериозно да ги земаат предвид економските бенефити за граѓаните и државата од потенцијалите кои ги поседува македонската земја со нејзините минерални богатства. Последна сериозна инвестиција од која се очекуваат милионски приходи е онаа за ископ на антимон кај Крива Паланка, чиј развој доби значителна финансиска помош од Соединетите Американски Држави.

Македонскиот антимон го привлече светското внимание уште кон крајот на минатата година, кога за овој наш ресурс пишуваше Центарот за енергенси и материјали на Светскиот економски форум.

Во статијата на СЕФ беше истакнато дека западните земји-сојузнички треба да ги искористат своите извори, особено поради трговската војна за критичните минерали на релација Вашингтон-Пекинг. Поради обемната експлоатација на антимон во Кина, во тој период, како што додава Светскиот економски форум, цените на овој минерал скокнале на речиси 50.000 американски долари за тон.

Мицкоски: Македонија е прва во Европа со ваков стратешки дијалог со САД, ретка руда од паланечко ќе се извезува во Оклахома

„Рударските проекти за антимон што некогаш се сметаа за премногу мали, далечни или сложени сега привлекуваат сериозно внимание. Оваа промена отвора нови пазари и ја зајакнува соработката меѓу сојузничките земји. Во региони во Централна и во Источна Европа, односно во Северна Македонија и во Словачка, но и во Централна Азија, земјите работат на рестартирање на неактивните рудници за антимон“, пишува во статијата на СЕФ.

Според експертите на Светскиот економски форум, овие наоѓалишта го репозиционираат антимонот како стратешка пресвртница за тоа како Западот пристапува кон критичните минерали.

„Ова е шанса… Доколку владите и индустријата можат да го сторат ова правилно, антимонот би можел да стане модел за градење отпорност пред да се појави следната точка на застој во синџирот на снабдување со критични минерали“, истакнуваат светските економски експерти.

Домашните експерти веќе укажаа дека и покрај тоа што Македонија располага со значајни геолошки потенцијали, рударската и минералната индустрија се соочувала со низа структурни, институционални и пазарни ограничувања кои бараат долгорочен стратешки пристап. Во Стратегијата за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини 2026-2046, се наведува дека развојот на домашното рударство е добредојдено.

„Проширувањето на рударската и минералната индустрија вклучува огромни инвестиции во делови од земјата каде што таквите инвестиции беа долго време видливо отсутни. Ова е добредојден развој, но исто така со себе носи суштински барања. Заедниците што растат заедно со рударската индустрија, исто така, мора одржливо да се изградат. Мора да се создадат атрактивни животни средини кои обезбедуваат висок стандард на населението и да се избегнат ситуации кога работната сила се иселува“, се наведува во новата Стратегија за минерални суровини.

Во неа се истакнуваат и економските придобивки од рударските проекти преку средствата за вработените, доходот на капиталот и добивката на компанијата и индиректните производни даноци (ДДВ и царинските давачки). Во текстот се додава дека македонската економија како мала отворена економија треба да работи на градење на модел кој ќе биде базиран на извоз каде секторот рударство и вадење на камен ќе има свој придонес имајќи го предвид фактот дека овој сектор е извозно ориентиран и неговиот придонес може да биде од исклучителна важност.

„Еден денар вредност на производство што го создава секторот рударство и вадење на камен генерира дополнителни 0,3 денари производство во другите сектори и дејности кои на некој начин се поврзани со производните процеси на компаниите од секторот рударство“, се потенцира во Стратегијата.

Антимонот е еден од стратешките минерали по кои трагаат светските играчи, а Македонија дополнително во значителен обем го поседува и бакарот, како критичен минерал чија побарувачка и цена континуирано растат. Во Стратегијата се вели дека Македонија е релативно добро рангирана на светско ниво во однос на државите во регионот за капацитетите на бакар. Само околу 400.000 тони бакар беа проценети во наоѓалиштето во Иловица. Инвеститорите во овој рудник најавија почетна инвестиција од 340 милиони евра, очекуваат зголемување на БДП за 3% на годишно ниво, просечна вредност на извоз од околу 180 милиони евра на годишно ниво и 500 директни и над две илјади индиректни вработувања.

Инвестициите во рударството се очекува да го кренат македонското рударство кое во последните 40 години не можеше да се пофали со крупни проекти. Заводот за статистика минатата недела објави дека индустриското производство во секторот рударство и вадење камен во февруари 2026 година, во однос на февруари 2025 година, бележи опаѓање од 9,6%. додека бројот на работниците во февруари 2026 година, во однос на февруари 2025 година, во секторот рударство се намалил за 6,3%.

Најнови вести од: Македонија

ВМРО-ДПМНЕ: Ислам Абази ги спасува криминалците од СДСМ и ДУИ

Затворањето на постапката за предметот „Мазут“ за кој постојат основани сомненија за сторен криминал тежок 167 милиони евра е скандал и доказ за активирање на послушниците на Али Ахмети, Зоран Заев и Венко Филипче за одбрана на криминалците од СДС и ДУИ

Тошковски: Сите лажни пораки за плаќање казни за сообраќајни прекршоци стигнуваат од странски броеви

Сите лажни пораки, кои ги добиваат граѓаните, а кои се однесуваат дека извршиле некаков сообраќаен прекршок за кој треба да платат казна стигнуваат од странски броеви и многу лесно може да се идентификува дека тоа не е Министерството за внатрешни работи

To top