Македонија

АВМУ: Инфлуенсерите, блогерите, јутјуберите… да се регистрираат

Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги повика инфлуенсерите, блогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање да се регистрираат во Агенцијата.

Со измените на медиумската легислатива во јули 2023 година, за првпат официјално беше препознаено постоењето и влијанието на инфлуенсерите, влогерите, креаторите на содржини, јутјуберите, односно физичките лица кои се даватели на аудиовизуелни медиумски услуги по барање. Овие субјекти сега подлежат на регулација и имаат обврска да се регистрираат во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

Обврската важи за оние инфлуенсери, влогери, креатори на содржини, јутјубери и слични даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање кои ги исполнуваат следниве критериуми:

– аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично);

– имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници;

– остваруваат економски интерес од медиумската услуга;

– во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини;

– целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност.

Критериумите подетално се објаснети во Правилникот на Агенцијата со кој се уредува формата и содржината на пријавата за евидентирање во Регистарот на даватели на аудиовизуелни услуги по барање.

Со оглед на тоа што станува збор за законска обврска, Агенцијата ги повикува сите инфлуенсери, влогери, креатори на содржини и јутјубери кои ги исполнуваат посочените критериуми, во најскоро можно време до Агенцијата да достават пријава за евидентирање во Регистарот.

Сите релевантни документи поврзани со работењето и обврските на овие субјекти се достапни на веб страницата www.avmu.mk, во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“.

За дополнителни информации и појаснувања, заинтересираните субјекти можат да се обратат до Агенцијата на е-адресата influenseri@avmu.mk.

Најнови вести од: Македонија

Итно соопштение од МНР: Не патувајте во Израел, контактирајте ја амбасадата за помош

Во врска со најновите информации за влошувањето на безбедносната состојба во Израел, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски граѓани кои се наоѓаат на територијата на оваа земја внимателно да ги следат официјалните национални портали за итни случаи и строго да постапуваат во согласност со упатствата на надлежните институции.

Аларм: Децата без око да им трепне си купуваат цигари како да се мастики

Ново истражување за употреба на тутун кај младите покажува системски недостатоци на повеќе нивоа – од висока достапност на цигарите во продавници и киосци, каде што основците меѓу шесто и деветто одделение можат да набават тутун без поголем проблем, па сѐ до висока изложеност на децата на чад внатре и околу училиштата.

Одложена седницата на работната група за реформи во изборното законодавство, материјалите не биле преведени на албански јазик

Денес не се одржа конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, поради барањето на дел од албанските партии да бидат преведени материјалите.

To top