Македонија

Богата програма на годинашниов Оффест

Осум концерти во четири фестивалски вечери ќе понуди програмата на годинашниот 25. Оффест (OFFest), кој ќе се одржува од денеска до 6 јуни

 

Организаторот, Скопски џез фестивал, најави богата програма со учесници од 12 земји, со посебен акцент на континентот Африка.

Директорот Оливер Белопета на прес-конференцијата во пресрет на фестивалот, соопшти дека се држеле до стандардната концепција и сите изведувачи доаѓаат со специјални проекти. Иако се работи за јубилеј, рече, не се амбицирале да направат нешто специјално или програмски да го прошират фестивалот поради тоа што буџетот е ограничен и не постојат инфраструктурни услови за концертите. Како што посочи, со години бараат летна сцена поради тропските услови, но дека досега не им е излезено во пресрет.

„ Најважно беше главниот концепт на програмата и да се донесат најрепрезентативни имиња од т.н. трет свет односно музиката на светот, без да ја испуштиме Европа или медитерански земји. Годинава фокусот е на Африка. Секоја година од таму имаме од еден до двајца музичари од одреден регион, а сега обединуваме повеќе региони на Африка и правиме пресек на тоа што е таму актуелно“, посочи Белопета.

Оффест ќе биде отворен вечер во 20 часот во Националната опера и балет (НОБ) со концерт на „Guitari Baro“ („Гитарски разговори“) – инструментално трио од две гитари и еден балафон, составено од тројца врвни гриот музичари од Гвинеја и Мали. Тројцата музичари ги спојуваат хипнотичките традиционални стилови со влијанија од џез, конгоанска румба, гвинејски танцови ритми и кубанска музика.

На првата фестивалска вечер од 22 часот во НОБ ќе гостува и BCUC (Bantu Continua Uhuru Consciousness) од Јужна Африка. Групата постои 23 години и преку живописен, хедонистички транс звук, ги претставува богатите традиции, вера и ритуали на нивната татковина. Нивната уникатна мешавина од психоделични грувови, комбинирани со хип-хоп и панк-рок енергија им донесе обожаватели насекаде во светот. На јубилејниот OFFest се враќаат по две години, овојпат промовирајќи го својот нов, петти студиски албум „The Road is Never Easy“.

На 4 јуни во НОБ од 20 часот е концертот на врвниот виолинист Нилс Окланд од Норвешка со неговите соработници во „Nils Økland Band“, кои претставуваат локална традиционална народна музика, современа музика, џез и слободна импровизација. Нилс Окланд ќе настапи соло и потоа во дуо формат со органистот Сигбјорн Апеланд.

Во терминот од 22 часот во НОБ е концертот на македонскиот дует „Добрила и Доријан“ (Добрила Грашеска и Доријан Јовановиќ) познати од „Чалгија саунд систем“. На ОФФест ќе биде концертната промоција на нивниот трет албум „Wind To Blow”.

Третата фестивалска вечер (5 јуни) од 20 часот во Националната опера и балет ќе ја отвори шпанско-италијанското дуо „Raül Refree & Maria Mazzotta“. Вокалот Раул Рефри е познат по надминувањето на традиционалните жанровски граници и како еден од најиновативните продуценти во Европа во последната деценија. Марија Мазота, пак, е еден од најважните гласови на музичката сцена во регионот Апулија во Италија. Од нивната соработка произлезе албумот „San Paolo di Galatina“, со кој тие го интерпретираат апулискиот фолклор, прикажувајќи ја Италија од почетокот на 20 век.

Вториот концерт вечерта на 5 јуни, од 22 часот во НОБ, ќе го има женската група „Les Amazones d’Afrique“, со музичарки од Мали, Бенин и Конго, која го претставува современиот западноафрикански феминизам. Групата е формирана во Бамако, Мали, во 2014 година од три музички ѕвезди и активистки за општествени промени: Мамани Кеита, Оуму Сангаре и Миријам Думбија. Тие ја користат музиката како форма на кампања за родова еднаквост и за свртување на вниманието кон сериозниот проблем на насилството врз жените. Нивниот музички израз е богат со мелодии и стилски разновиден, спојува панафрикански звуци и колективни хармонии со суров, современ поп.

Последната фестивалска вечер на Оффест (6 јуни) ќе се одржи во Дансинг салата на Младинскиот културен центар. Од 22 часот ќе настапи Мачуме Занго, реномиран мозамбиски музичар, композитор и изработувач на инструменти, кој се смета за нов мајстор на тимбила – традиционален дрвен ксилофон. Тој е дел од познатата група „Timbila Mozimba“ и има објавено соло изданија како „Wata M’cande“ и „Tatei Watu“. Во изминатите дваесет години, Мачуме има настапувано низ светот како изведувач и композитор на традиционална, експериментална и фјужн музика.

Од 23 часот на истата локација концерт ќе има четиричлениот бенд „Zawose Queens“ од Танзанија, кои ја продолжуваат долгата традиција на флуидни полиритми и занесно полифоно пеење на народот Гого (познат и како Вагого) од регионот Додома во централна Танзанија. Тие ќе ги донесат своите источноафрикански корени со суптилни електронски елементи.

На последната вечер на Оффест во кино „Фросина“ во МКЦ ќе биде прикажан и бразилскиот музички документарен филм „Elis & Tom – It had to be you” на режисерот Роберт де Оливеира. Филмот е од 2023 година и направен од снимки од создавањето на албумот на Том Жобим, олицетворение на боса-нова, и Елис Реџина – популарна пејачка во Бразил. Тие во 1974 се сретнале во Лос Анџелес за да го снимат албумот, кој ќе стане еден од најиконските во историјата на бразилската музика.

Покровител на Оффест е Министерството за култура и туризам, кое на фестивалот годинава му додели 2,4 милиони денари. Град Скопје не учествува со поддршка, која ја прекинала претходната градоначалничка на главниот град. Како и во минатите години, автор на плакатот и на каталогот за Оффест е уметникот Зоран Кардула.
МИА

Најнови вести од: Македонија

Најава дека „тетовчани в петок ќе се кренат против одлуката на Уставниот суд за промената на имињата на улиците во Тетово“!

„Тетовчани ќе се кренат во петок! Плоштадот Илирија нема да стане ‘Маршал Тито’, колку и да сонува некој за такво нешто.“ – објави на својот фејсбук-профил Рами Мислими, новинар, политички аналитичар и сопственик на албанскиот информативен портал на албански јазик „Тетова сот“ од Тетово. Неговата објава под наслов „Имињата на улици во Тетово: тетовчани ќе се кренат в петок против Билал Касами“ ја пренесоа овој портал и други медиуми на албански јазик во Македонија.

Екстрадиран Саит Саитов кој во јануари избега во Србија откако прегази жена во Капиштец

Деветнаесетгодишниот Саит Саитов од Скопје, кој беше баран со меѓународна потерница распишана од МВР на 12 јануари, денеска е екстрадиран од Србија во нашата земја, информира Министерството за внатрешни работи. МВР објави дека на Саитов му е определена мерка притвор и дека е предаден во затворот „Скопје“ за понатамошна постапка

(Видео): Македонија со своја „фабрика“ за производство на алатки за вештачка интелигенција

Македонските стартапи, мали и средни претпријатија, студентите и истражувачите наскоро ќе можат да развиваат сопствени решенија со вештачка интелигенција без да инвестираат во скапа инфраструктура. Тоа треба да го овозможи „Везилка“ – првата национална фабрика за вештачка интелигенција, која ќе ги поврзе домашните компании и академската заедница со европските суперкомпјутери и дигитални ресурси.

Тошковски: Интерпелацијата од Левица е обид за блокирање на борбата против криминалот!

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја оцени интерпелацијата поднесена од Левица како политички мотивиран обид за попречување на процесите за борба против криминалот и корупцијата. Интерпелацијата е на дневен ред на денешната собраниска седница, пренесе МИА. Во објава на социјалните мрежи, Тошковски посочи дека станува збор за трета интерпелација против него за помалку од две години и оцени дека зад иницијативата стојат политички, а не суштински мотиви. -Левица ја најави третата интерпелација против мене за помалку од две години. Како и претходните две, и оваа беше претставена преку режирана прес-конференција, повеќе како политички настап отколку како иницијатива заснована на аргументи – наведе Тошковски.

Сајкоски: На кого му пречи што има ред во државата? Кога се разбиени 30 организирани криминални групи треба ли да се напаѓа човекот, кој ги прави нервозни криминалците?!

Ѓорѓија Сајкоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник на денешната седница во Собранието ги праша пратениците од опозицијата на кого му пречи што има ред во државата, што нема проблеми со патните исправи, што се разбиени 30 организирани криминални групи, запленети се 300 проценти повеќе кокаин од она што било претходно во време на СДС.

To top