Македонија Колумни

Брисел и Кос упорно бараат идентитетско „масакрирање“ на Уставот и бугаризирање на Македонија и Македонците во име на „темелните европски вредности“! (2)

ЕУ наведува во својата „Бриселска декларација“ од вчерашниот Самит ЕУ – Западен Балкан дека „ревизионизмот е спротивен на најтемелните европски вредности“. Меѓутоа, од друга страна ЕУ не само што „замижува“ кон агресивниот бугарски ревизионизам на македонската автентична историја, туку и сесрдно го поддржува. Тешко европско противречие на ЕУ сама на себе: со празни зборови вели дека „ревизионизмот е спротивен на најтемелните европски вредности“, а од друга страна бара Македонија и нејзината влада да се согласат со злогласниот „Француски предлог“ и великобугарските врховистички ултиматуми на официјална Софија Македонците „да прифатат и да признаат дека бугарски корени имаат и тие како народ и нивната историја и нивниот јазик“! За Румен Радев, Илијана Јотова и другите од бугарската политичка елита ова е „европска вредност“, која Македонија и Македонците мора беспоговорно да ја прифатат. Македонците ќе ја прифатат на „Свети Никогаш“! Но кога, пак, бугарските политичари ќе прифатат и ќе признаат дека  Бугарите дека се словенизиран и македонизиран народ, денес секако со свој различен бугарски идентитет, кој во минатите векови го презел македонскиот јазик и денес го говори него?! А што е апсолутна вистина, со аргументи потврдена од врвни европски и светски експерти! 

Пишува: Свето Тоевски

„Ја повторуваме нашата целосна и недвосмислена посветеност на перспективата за членство на Западниот Балкан во ЕУ. Неговата иднина е во ЕУ. Проширувањето е реална можност, што треба да се искористи.“ – се наведува во официјалната „Декларација од Брисел“ во врска со натамошното проширување на ЕУ, која е објавена по вчера одржаниот Самит на ЕУ со лидерите на државите од Западниот Балкан, меѓу кои и од Република Македонија.  Покрај другото, во „Бриселската декларација“ по овој собир на врвот се наведува дека „ревизионизмот е спротивен на најтемелните европски вредности“ и е „нагласена важноста на добрососедските односи и помирувањето“.

Влегување во ЕУ според Копенхагенски критериуми и според заслуги, а не според исполнување „Бугарско-Бриселски критериуми“ и противмакедонски ултиматуми и уцени!

Претседателот на Владата на Македонија Христијан Мицкоски пред почетокот на самитот изјави: „Ние ѝ припаѓаме на Европа. Нашите граѓани се фрустрирани, поради тоа што предолго чекаат во задниот двор. Конечно сакаме да го заслужиме нашето место на масата, врз основа на пристап заснован на заслуги. Утре да одлучиме да го промениме Уставот, што нема да се случи, повторно пред нас имаме пречка, а тоа е Акцискиот план за малцинствата.“

Од друга страна, во интервју за Македонската информативна агенција – МИА еврокомесарката за проширување Марта Кос по којзнае којпат бара „уставни измени“ и „Бугари во Устав“. „Откако ќе се направат уставните измени, ќе можеме да продолжиме без каква било дополнителна политичка одлука. Мојот повик до Владата е да го направи тој чекор и да ја исполни својата обврска. Сигурна сум дека тогаш ќе можеме да продолжиме напред, во најдобар интерес и на вашите граѓани.“  – посочи Кос.

Македонија и Македонците референдумски ПРОТИВ „Државотворни Бугари во Устав на Македонија“!

Нема ништо ново, нема ништо што веќе не го кажале челниците на ЕУ порано, напоредно со бугарското државно-политичко-раководство: само дрски повторувања „менувајте устав“, „ставајте Бугари во устав“.

За Урсула Лаен, Марта Кос, Каја Калас и Антонио Кошта воопшто не постои народ македонски, кој веќе пет години од 70 – 82 проценти е целосно против какво било отворање и ново „распарталување“, поточно кажано идентитетско „масакрирање“ на уставот на македонската држава. Во анализата „Македонија референдумски ПРОТИВ францускиот предлог“, објавена на 14.11.2026, весникот „Нова Македонија“ нагласува дека во „Анкетата за Бугарите во македонскиот Устав: Од изјаснетите граѓани 70,4 отсто се против Францускиот предлог на Брисел за влез во ЕУ“.

Кој Македонец ќе се согласи да влезе во ЕУ не како Македонец, кој говори македонски јазик, туку како „Бугарин, што говори бугарски јазик“?!

Во 2025 и претодните години, исто така, убедливо најголемото мнозинство на Македонците се против бугарските и чии било надворешни притисоци и наредби да се менува највисокиот правно-политички документ на македонската држава. Зошто тогаш Брисел ја повикува само владата „да ја исполни својата обврска“, а го игнорира македонскиот плебисцитарен (општонароден) отпор против новото „прекројување“ на уставот?! Постојат ли воопшто Македонци за Лаен, Кос и другите шефови на „евроклубот“?!

Авторот не ги испишува овие редови, воден од намера да шири пропаганда против Европската унија. Напротив, Брисел со своите постапки кон Македонија и македонскиот народ самиот си прави најтешка можна пропаганда против себе. Кој Македонец ќе се согласи да влезе во ЕУ, плаќајќи цена за тоа да влезе таму не како Македонец, туку како Бугарин, кој говори не македонски јазик, туку регионална норма на бугарскиот јазик?!

Во ваков контекст, кој Македонец би се определил за „Бугарско-Европската идеја“ и против Македонската идеја?! 

Кој моча во „Македонскиот ветер“ се измочува самиот себеси!

Авторот не ги испишува овие редови, воден од намера да шири „омраза кон Бугарија и бугарскиот народ“, ниту да негира постоење Бугари во Македонија. Вистинска омраза шири Софија кон македонскиот народ, негирајќи го постоењето негово и на неговиот македонски идентитет, јазик и историја. А да не потстуваме какви навреди и плукања врз сѐ, што постои со предзнак „македонски“, доаѓа од Андреј Ковачев, бугарскиот политичар и долгогодишен пратеник во Европскиот парламент (ЕП) од редовите на партијата ГЕРБ, и сурија други слични нему. Само една мала забелешка: условно, да го замислиме македонскиот народ како ветер: е, сега, рекле од дамнина умните луѓе кој моча во ветерот, се измочува самиот себеси!

Да се вратиме на Бугарите во Македонија: да, ги има 3500 Бугари, статистички и пописно забележани, но тоа не е никакво „бугарско малцинство“, какви што изјави можат да се чујат не само во Европа, туку и во Македонија. Во Македонија не постои „бугарско малцинство“, туку само поединци, граѓани со свое слободно бугарско самоопределување. Секој има право да се изјасни како што сака, па и како Бугарин, и никој не може тоа да му го негира. Но, меѓународните фактори по секоја цена „фабрикуваат“ постоење „бугарско малцинство“. Од своја страна Софија категорично бара уставно признавање не „бугарско малцинство“, туку „бугарски државотворен народ“ и внесување на „великобугарската државотворна агенда“ во македонскиот устав, врз позициите на „Санстефанска Бугарија“ од 1878 година.

Дали сфаќа секој, што се залага, или прифаќа уставни измени, какви катастрофални последици би се случиле со Македонците и Македонија, ако би се внеле „државотворните Бугари“ во македонскиот устав?! Дали се води сметка дека е тоа во најдлабоката суштина агенда за распад на Македонија и за претворање на Македонците во нови „Курди во Балканот“, како народ и без своја држава и без своја татковина?!

(продолжува)

(Авторот изнесува согледувања од сопствена уставно-политиколошка анализа, кои немаат никаква поврзаност со ниедна политичка партија во Република Македонија. Согледувањата на авторот не се став на редакцијата на „Експрес“).

 

 

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

To top