Еден од најблиските соработници на американскиот претседател од Скопје порачува дека главниот град на Македонија е убав.
Ричард Гренел, специјален пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за специјални мисии, на Инстаграм објави видео снимено од зграда во центарот на Скопје.
Во објавата кратко пишува – Скопје, Македонија, е убав град. Па, може да се претпостави дека тој е или бил во посета на македонската престолнина.
Од Владата велат дека Гренел пред два дена, на 29 јули, бил во приватна посета на Скопје и имал приватна средба со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.
„Амбасадорот Гренел на 29 јули 2026 година престојуваше во Скопје во приватна посета. Во рамки на неговиот престој беше реализирана приватна средба со претседателот на Владата, Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски која се одржа во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ и претставуваше продолжение на пријателските односи и меѓусебната комуникација“, изјавија од Владата за средбата.
Нема информација дали станало збор за конкретни политички или економско-инвестициски теми од заемен интерес, како што своевремено се спомнуваше проектот „Чебрен”.
Ричард Гренел,, кој важи за човек од блиското опкружување на американскиот претседател Доналд Трамп, во изминатиот период имаше повеќе средби со премиерот Христијан Мицкоски и со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
Во февруари годинава тие се сретнаа на маргините на Минхенската безбедносна конференција разговарајќи за стратешките односи со САД.
Видеото на Гренел на линкот
https://www.instagram.com/reel/DbdfLWLAkwh/?igsh=ZDk3MHFleXN6OWE3