Македонија Колумни

Десетте револуционерни заповеди на Илинден во „Македонско дело“ од 1928: Како еден се крена сиот македонски народ, за да извика: Не сме веќе покорна раја!

„Повик кон македонскиот народ“ на ВМРО (обединета) по повод 25 години од смртта на Гоце Делчев, објавен во весникот „Македонско дело“ на 4 мај 1928: „Потомците на Гоце не можат да бидат робови. Идеалот на Гоце – слободата на Македонија – треба да се оствари. Делото на Гоце треба да се продолжи. Идеализмот и самопожртвуваноста, хероизмот и преданоста на Гоце нека служат како жив пример и импулс во тешката борба!“

Десетте револуционерни заповеди на Илинден се содржани во гласилото „Македонското дело“ од 1928 година, кое го издавала ВМРО (Обединета), организација што се залагала за слободна и независна Македонија, нагласувајќи го Гоце Делчев како духовен татко на македонската револуција, вели историчарот Евгениј Литовски.

Десетте револуционерни заповеди се содржани во Илинденската револуција, било запишано уште во 1928 година во статија на весникот „Македонско дело“. Toa e eден од ретките весници во тоа време, кој ја застапувал идејата за самостојна македонска држава. Го издавала ВМРО (Обединета), која имала цел издвојување на слободна и независна Македонија во рамките на нејзините географски граници, нејзино конструирање во самостојна политичка единица, која би влегла како рамноправен член во идна балканска федерација.

Весникот бил двоброј и се печател во Берлин, Виена и Париз. Почнал да излегува на 10 септември 1925 година, а уредништвото го сочинувале Димитар Влахов, Владимир Поп Томов и Павел Шатев. Успеале да издадат 179 броја, што содржеле значајни факти за Илинденското востание, од кое денес славиме 122 години, и за значајни личности од македонската историја, кои се залагале за слободна и независна држава.

На хартија запишан кодот на македонското револуционерно движење

На дел од значајните цитати во весникот ни укажа историчарот Евгениј Литовски, вработен во Завод и музеј – Битола, кој меѓу многубројната историска литература ги анализирал и зачуваните објави на „Македонско дело“.

Во Илинденската револуција се содржат десетте револуционерни заповеди, кои ќе го изведат македонскиот народ на бреговите на слободата. Илинден го посочи најсигурниот пат кон слободна и независна Македонија – патот на масовното востание, на народната револуција. Илинден нè учи дека не е можно востание без револуционерно воспитание и без масовна организација на македонскиот народ. Илинден јасно ни покажува дека не може да има револуција без авангарда, без верна, дисциплинирана и стегната внатрешна организација, која ќе ги востанува и ќе ги води македонските маси во борбата. Илинден ни ја даде големата поука дека, за да ја овенча својата ослободителна борба со победа, македонскиот народ треба да ги најде своите револуционерни сојузници внатре и благонаклонетоста и симпатиите на револуционерниот и напредниот свет однадвор. Ова се заветите на Илинден, ова е азбуката на идната македонска револуција.“ – тоа се дел од најзначајните цитати, на кои Литовски скренува внимание од статиите објавени во „Македонско дело“.

Робот ја распука империјата

Литовски нагласува дека овие зборови се релевантни и денес и оти го претставуваат кодот на македонското револуционерно движење. Тој укажува и на силните изразни средства што се користеле за да ја искажат големината на Илинденскиот подвиг во 1903 година, на пример, контрастот дека македонски роб ја разнишал империјата на султаните и пашите. Весникот „Македонско дело“ посветувал редовно внимание на значењето на Илинденското востание. Така на 10 август 1928 година е објавена статија со наслов „25-годишнина од македонската револуција“. Во овој одличен текст, кој заслужува внимание за анализа, опфатено е се она, што треба да претставува Илинденското востание.

Моќно звучат од него следните зборови: „Потреперија тогаш мраморните колони на Јилдиз ќошк од стихискиот напор на пробудениот македонски роб. Се разниша целосно пространата империја на султаните и пашите, а робовладетелите и владетелите се свиваа во смртен страв од татнежот и тресокот на ропските вериги во Македонија, што се распукуваа. Леб и слобода, земја и самоуправување! Наеднаш, како еден човек се дигнаа македонските селани, се дигна целиот македонски народ, мажи и жени, старци и деца, со оружје и без оружје, за да извикаат право во лицето на својот потисник: Не, не сме веќе ние покорна раја!“ – посочува Литовски.

Гоце – стражар на чистотата на македонското ослободително дело

Годинава се навршуваат 122 години од обидот на македонскиот народ да го отфрли феудалниот османлиски јарем. Во таа децениска борба се вложија редица напредни дејци и борци, кои ги предводеа македонските маси кон национално и социјално ослободување, кон уништување на социо-економските феудалистички односи, сакајќи да изградат република. Весникот „Македонско дело“ го истакнува меѓу нив Гоце Делчев како најголемата личност во оваа борба.

„Тоа не го прават историчарите, туку неговите соборци и современици. На пример, по повод 25 години од неговата смрт, ВМРО (Обединета) на 4 мај 1928 година во весникот објави „Повик кон македонскиот народ“ посветен целосно на Делчев, на неговата улога и значење. Повикот започнува со тоа дека Делчев е најголемиот син на македонскиот народ, духовен татко на македонската револуција, стража на самостојноста и чистотата на македонското ослободително дело. Означен е како фанатичен борец против врховизмот и фердинандовштината во македонското движење – вели Литовски.

Не случајно преку Повикот, посветен на Гоце Делчев, ВМРО (обединета) се обидела да направи разлика, според запишаното, меѓу оние, кои се „историски наследник на идеите и револуционерното дело на Гоце“ и оние, кои се од другата страна, на организацијата на Александар Протогеров. Тие го запишале следното: „Организацијата на Протогеров, која произволно си го прикачила името на Делчевата организација, за да хули на него и да го срамоти, нема и не може да има ништо заедничко со светото револуционерно дело на Гоце Делчев. Протогеровци, кои Гоце ги обезоружуваше во Македонија и му ги праќаше назад на Фердинанд, чии налети ги одбиваше со оружена сила и против кои водеше упорна и крвава борба, не можат да бидат наследници и следбеници на Гоце: тие не можат да бидат борци за слободата на Македонија. Оние, кои ги убија најверните и најблиски другари на Гоце, најискрените борци за автономијата на Македонија, не можат да го носат името автономисти и не можат да бидат борци за автономна Македонија.“

Хероизмот е жив пример до денес

Повикот завршува со следните зборови: „Македонци! Гоце се бореше и умре за поробената татковина. Неговата мечта беше слободна Македонија. Македонија денес, распарчена и соборена, лелека под уште пострашно ропство. Тиранијата во нашата татковина вилнее уште побесно! Во крв е удавена нашата света земја! Потомците на Гоце не можат да бидат робови. Идеалот на Гоце – слободата на Македонија – треба да се оствари. Делото на Гоце треба да се продолжи. Борбата треба да се продолжи со уште поголема енергија и со десетпати поголеми сили. Нека запламти револуционерниот жар на Гоце во срцето на секој Македонец! Идеализмот и самопожртвуваноста, хероизмот и преданоста на Гоце нека служат како жив пример и импулс во тешката борба!“ – пишува историчарот Евгениј Литовски.

Преземено од: „Факултети.мк“

 

 

 

Најнови вести од: Македонија Колумни

Скандалозна противмакедонска провокација токму на Илинден: Во востанието учествувале Албанци, Власи и Бугари, не и Македонци! Албанците беа клучните чинители, па и на Крушевската република?!

„Некои албански историчари дури тврдат дека без Албанците Илинденското востание не можело ни да се замисли!“ – дел од наводите во жестоката и провокативна статија со антимакедонски карактер, која ја објави информативната агенција на албански јазик Илирија-ИНА.

To top