Министерство за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, согласно најновите податоци, од почетокот на конфликтот до денес вкупно 473 македонски државјани контактирале со дипломатско-конзуларните претставништва во Тел Авив, Доха и Абу Даби.
Од вкупниот број, 19 лица се пријавиле од Израел, 106 од Катар, додека 348 граѓани се обратиле до ДКП во Абу Даби. Во оваа бројка се вклучени и 18 лица од Кувајт, како и 12 лица од Бахреин.
Според информациите добиени од надлежните власти, засега не се препорачува евакуација по копнен пат за македонските државјани кои се наоѓаат во Катар и во Обединети Арапски Емирати. Евакуацијата ќе започне во првата безбедна прилика, а веќе се разгледуваат можностите за нивно безбедно извлекување штом се создадат соодветни услови.
Во однос на граѓаните кои се наоѓаат во Тел Авив, Министерството активно ги анализира можните алтернативи за нивно безбедно извлекување од државата.
Од институцијата уште еднаш апелираат македонските државјани редовно да ги следат предупредувањата и насоките на локалните надлежни органи. На 24-часовно располагање остануваат дежурните телефонски линии на кризниот штаб при Министерството, како и контактите на дипломатско-конзуларните претставништва.
Јавноста ќе биде навремено информирана за сите дополнителни активности и развој на состојбата.