Македонија

Г.Г. Стефан: Со изградбата на „Свети Константин и Елена“ се надминавме себе си

Овој нов молитвен дом нека биде уште еден сведок дека нашиот народ продолжува да биде црквоградител и дека Македонија продолжува да биде земја храм, земја манастир и земја крст, рече архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан

Со изградбата на овој семакедонски, сеправославен храм се надминавме себе си. Овој нов молитвен дом со неверојатна убавина нека биде уште еден сведок дека нашиот народ продолжува да биде црквоградител и дека Македонија продолжува да биде земја храм, земја манастир и земја крст, рече архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан по денешното осветување на црквата „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје.

Церемонијата почна утрово во 8:30 со ѕвонење на камбаната и траеше околу три часа. Присуствуваа голем број верници, почитувачи на Македонската православна црква (МПЦ), премиерот Христијан Мицкоски, министри и други високи владини претставници, лидери на политички партии, градоначалници, академици, универзитетски професори, стопанственици, монаси, монахињи,…

-Овој храм убавец е радост за сите сетила и со него добиваме уште едно место во кое земјата се сретнува со небото и во кој временото станува вечност, а светите Константин и Елена на кои им е посветен овој молитвен дом, заслужуваат ваква убавина. Но, убавината на храмот не е цел сама по себе, таа, пред се, е водич кон Бог. Архитектурата, фрескописот, иконостасот и црквата служат за да ни помагаат да ги издигнуваме нашите срца кон небесните висини. Молитвените домови не се прават за да ја покажуваме нашата слава, туку за да бидеме близу до Бога, врвејќи го патот на прочистувањето на срцето и просветлувањето на умот. Затоа, не е доволно да ги осветуваме само храмовите, туку треба и ние себе си да се осветуваме во нив, не е доволно да се воодушевуваме на нивната убавина, туку треба и ние да ги разубавуваме нашите души во нив, потенцира г.г. Стефан.

Според него, храмот е местото во кое се крштеваме и венчаме, местото во кое се замонашуваме и ракополагаме и во кое се служат богослужби, но најмногу е место во кое се служи светата литургија.

-Ова здание ќе биде нем сведок ако не се исполнува со живи души. Изградивме храм со неверојатна убавина, но она што е најубаво во него е тоа што денес е исполнет со народ. Ќе повторам и сега, најубав храм е оној што е исполнет со верен народ, а денес, верувам, нема поубав храм од овој нашиов, па нека биде постојано така, да доаѓаме во храмот на секоја литургија и во секоја прилика за во осама да му се помалиме и да му заблагодариме на Бог, да го наоѓаме мирот и спокојот кој доаѓа одозгора. Да бидеме храмови што не можат да се урнат, храмови на вечниот живот, подвлече архиепископот Охридски и Македонски.

Свечен чин, голема работа за православен народ, требаше да има црква во центарот на градот, се само некои од реакциите на граѓаните за храмот „Свети Константин и Елена“ кои освен што ја следеа цеременонијата на осветувањето, имаат можност и да запалат свеќи.  

-Ова е навистина голем чин, по толку години да се изгради овој храм. Здравје, среќа и многу љубов би посакал за сите на овој свечен ден, кога ја осветуваме црквата „Свети Константин и Елена“. Граѓаните ќе можат да дојдат тука во секое време, значењето е преголемо, одамна сакаме да биде отворен овој молитвен дом, за нас верниците ова е навистина мноу значајна работа, рече еден од собраните верници.

По завршувањето на осветувањето, беше соопштено дека МПЦ му доделува Орден на Св Климент Охридски од прв ред на ктиторот Сашо Костовски и неговото семејство, за финансиска помош со која беше доградена црквата.

Осветувањето, освен внатре, граѓаните имаа можност да го следат и надвор од црквата каде беа поставени два големи видео бима. Церемонијата се снимаше и со дрон.

На церемеонијата меѓу присутните беа и министрите Панче Тошковски, Гордана Димитриеска Кочоска, Стефан Андоновск и Весна Јаневска, а присуствуваше и лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Изградбата на храмот почна во 2012 година и траеше 13 години. Работите беа интензивирани во 2024 година со што се комплетираа внатрешното уредување, надворешноста и околкниот простор.

Најнови вести од: Македонија

Николоски: Македонија да ѝ се приклучи на иницијативата „Три мориња“ заради геостратешкиот интерес

Јасни се новите геополитички текови во светот и треба да бидеме паметни, нашата дипломатија да ја фати иницијативата „Три мориња” на нејзиниот зародок како геостратешки интерес на државата, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на панел-дискусијата „Транспортни коридори – геостратешки предуслов за економски просперитет и безбедносна архитектура во Југоисточна Европа – иницијатива 3 мориња”, што се одржа во Стопанската комора

Се одложи јавната седница во Апелација за убиствата на Вања и Панче

Боре Видевски, еден од осудените за двојното убиство – на малолетната Вања Ѓорчевска и пензионерот Панче Жежовски не е во животозагрозувачка состојба. Втор ден како е сместен на Клиниката за нефрологија, поради проблемите кои ги има со бубрезите. Неговата хоспитализација ја одложи седницата пред апелационите судии за 11 мај. Неговиот адвокат бара тој да биде […]

Судење за „Пулс“: Инспекторка утврдила нова фирма, но не направила нова контрола поради „немање влијание врз животната средина“

На денешното судско рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше инспекторка за животна средина во Општина Кочани, која истакна дека во 2022 година утврдила оти објектот работи под друго правно лице, но не извршила повторен надзор бидејќи сметала дека станува збор за субјекти што немаат влијание врз животната средина

Најнови вести

To top