Регион Свет

Грчката дијаспора повикува на бојкот на „Одисеја“ на Хомер: „Грчка приказна без Грци“

Грците навредени за ,,грчки” филм без ништо грчко во него

Во пресрет на светската премиера (17 Јули) на еден од најочекуваните филмови на 2026 година – Одисеја „The Odyssey“ на Кристофер Нолан – во грчките заедници низ светот се крева се погласен повик за бојкот.

Причината не е само во креативните решенија на режисерот, туку во длабокото чувство дека една од најважните културни и национални приказни на Грците повторно им е „земена“ од Холивуд без соодветна почит и застапеност.

Филмот, кој чинеше речиси 250 милиони долари и делумно е снимен на грчка почва, го адаптира епскиот труд на античкиот поет Хомер – „Одисеја“. Сепак, и покрај богатата визуелна продукција и ѕвездената екипа, многу Грци велат дека во него „нема ништо грчко“.

„Ниту еден –опулос на кастинг листата“

Централната критика доаѓа од отсуството на грчки актери во значајни улоги. Иако Нолан собра импресивна екипа – Мет Дејмон, Том Холанд, Зендеја, Шарлиз Трон, Ен Хатавеј и Роберт Патинсон – во главната постава нема ниту еден актер од грчко потекло. Единствениот потврден грчки глас е во помала улога.

„Како е можно да се снима филм за најголемата грчка приказна, делумно во Грција, со грчки државни субвенции, а да не се најде место за ниту еден грчки актер?“, прашуваат членови на дијаспората.

На социјалните мрежи и во грчките медиуми се појавуваат „алтернативни кастинзи“ со имиња како Били Зејн, Тео Џејмс, Џенифер Анистон или Дејв Баутиста.

Отворени писма од грчко-американски и грчко-британски организации, се објавени на портали како Greek City Times, во кои директно се апелира до Холивуд да ја покаже „видливоста“ на луѓето чија култура ја користи.

Дополнително масло на огнот додадоа и конкретни кастинзи.

Лупита Нијонго, актерка од кениско-мексиканско потекло, ја доби улогата на Елена од Троја – симболот на античката грчка убавина. Оваа одлука предизвика бурни реакции, дел од нив со расистичка нота, но кај многу Грци проблемот е поширок: чувство на културна присвојување.

Слично, кастингот на Елиот Пејџ кој е ,,транс маж” како грчкиот воин Синон се толкува како уште еден чекор кон „модернизација“ што ја игнорира историската и културната контекст.

„Во време кога културното присвојување се осудува насекаде, зошто грчката митологија е отворена за секакви интерпретации без никаква почит кон оригиналот?“, се прашува една грчка корисничка на Инстаграм, чија објава собра десетици илјади лајкови.

Снимање во Грција, но без Грција на промоцијата

Контроверзите не запираат тука. Иако дел од сцените се снимале во Грција, Атина е изоставена од глобалната промотивна турнеја. Филмот, според грчки извори, не содржи ниту грчки дијалог, а акцентите се претежно американски. Критичарите велат дека станува збор за типична холивудска формула: користи грчки локалитети и митологија за егзотика и автентичност, но ја „американизира“ приказната до неузнавање.

Дополнителен проблем е финансиската поддршка. Грчкото Министерство за култура одобрило субвенции од околу 6,5 милиони евра. Ова предизвика нова војна на гнев кај дел од јавноста и филмските работници во Грција, кои сметаат дека парите на даночните обврзници се користат за проект што не ја промовира грчката култура.

Подлабоки корени на незадоволството

Оваа реакција не е изолирана. Грците веќе со децении се пожалуваат дека Холивуд постојано ги користи нивните митови – од „Троја“ и „300“ до „Судир на титаните“ – но ретко им дава простор на вистинските потомци на тие приказни. Во време на глобални дебати за „репрезентација“ и „автентичност“, многумина од грчката дијаспора велат дека токму тие се оние што се систематски исклучени од своето културно наследство.

Од друга страна, дел од критичарите и филмските аналитичари ја бранат одлуката на Нолан со аргументот дека митот е универзален и дека филмот „ја претставува целата светска публика“. Сепак, за многу Грци ова звучи како лицемерие: кога станува збор за други култури, Холивуд често е под притисок за „соодветна“ застапеност, но за грчката митологија важат други правила.

Премиерата на „The Odyssey“ се приближува, а кампањите за бојкот се засилуваат особено меѓу грчките заедници во САД, Австралија, Канада и Велика Британија.

Дали бојкотот ќе влијае на бокс-офисот останува да се види, но едно е сигурно: Нолановата интерпретација на Хомер повторно ја отвори старата дебата – кому му припаѓа античката грчка култура во 21. век?

Додека некои чекаат да го видат филмот поради режисерскиот талент, голем дел од грчката дијаспора порачува: „Оваа приказна е наша. Барем покажете малку почит“.

Најнови вести од: Регион Свет

To top